ПУЛМОЛОЗИТЕ БАРААТ ПОРИГОРОЗЕН ЗАКОН ЗА ЗАШТИТА ОД ПУШЕЊЕ И ДА СЕ ЗАБРАНАТ И ЕЛЕКТРОНСКИТЕ ЦИГАРИ

    ПУЛМОЛОЗИТЕ БАРААТ ПОРИГОРОЗЕН ЗАКОН ЗА ЗАШТИТА ОД ПУШЕЊЕ И ДА СЕ ЗАБРАНАТ И ЕЛЕКТРОНСКИТЕ ЦИГАРИВо март 2018, по предлог на пратениците на СДСМ во Собранието беа изгласани измените со кои се дозволи да се пуши на тераси, бавчи и платформи надвор од угостителските објекти и кога тие се затворени поради временските услови. (Фото: К. Попов)

    Докторите од Клиниката за пулмологија и членови на Македонското респираторно здружение апелираат за поригорозен Закон зa заштита од пушење, оти според најновата статистика, 45 отсто од популацијата во Македонија пуши цигари. Докторите апелираа на денешната прес-конференција во чест на 20 ноември, Светскиот ден на хроничната опструктивна белодробна болест (ХОББ), дека пушењето е главен ризик фактор за оваа болест.

    Во март 2018, по предлог на пратениците на СДСМ во Собранието беа изгласани измените со кои се дозволи да се пуши на тераси, бавчи и платформи надвор од угостителските објекти и кога тие се затворени поради временските услови. Со првичниот Закон, донесен од власта на ВМРО-ДПМНЕ, терасите не смееја да бидат целосно затворени односно застаклени туку мораше да бидат отворени од едната страна.

    „Апелираме да се направат сериозни чекори повторно да се врати Законот за пушење бидејќи кај нас, не само пушачите што се одговорни за својот живот, туку се одговорни за животот на другите луѓе кои не пушат, особено на младите деца. Бидејќи ако емисијата од цигари е штетна за сите луѓе, особено е штетна за младиот организам кој се развива и кај младиот мозок кој се развива. Децата се повеќе склони за развојни проблеми , т. е се намалува капацитетот на белите дробови заради изложувањето на пушењето, но и најлесно стануваат зависни од сите продукти кои содржат никотин и тутун. Апелираме и како Клиника и како Македонско респираторно здружение за зголемување на ригорозноста и конечно да се забрани не само користењето на тутунот, туку и на користењето на сите видови на електронски цигари  и тие да имаат еднаков третман и во смисла на даноци, оданочување и во смисла на користење и во смисла на рекламирање и продавање. Гледаме реклами и штандови кои во изобилие нудат на нашите деца вакви средства кои предизивкуваат зависност“, рече д-р Марија Здравевска.

    Директорот на Клиниката за пулмологија, д-р Оливер Зафировски кажа дека според новите статистики, ако пушач денес се откаже од цигари, ќе си го продолжи животот за 10 до 20 години.

    „Ние сме лидери на Балканот и овој процент е многу висок. По најновите испитувања од 600 токсични материи, 70 се директно канцерогени и се основна причина за појава на канцер на бели дробови. Исто така ја вложуваат функцијата на белите дробови кај лицата кои имаат ХОББ. Мора да се води кампања, тоа е зависност и мора да се лекува. За жал, ние немаме центри каде што треба да работат психолози. Границата е многу спуштена, дури под 10 години. Пушењето е само почеток, потоа следи консумирање алкохол, дрога. Мора да почнеме од рана детска возраст и во школите имаме проект ‘Време е, откажи се, биди умен, почни здрав живот’. Во скоро време ќе ја почнеме кампањата, од основните училишта, па во средните, за да може да сфатат колку е штетно пушењето“, рече директорот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира