РАДЕВ СЕ МЕША ВО ВНАТРЕШНИТЕ РАБОТИ НА МАКЕДОНИЈА, ВЕЛИ ПЕНДАРОВСКИ ПО НАЈАВАТА ДЕКА БУГАРСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ ЌЕ ГИ АКТИВИРА РАЗУЗНАВАЧИТЕ ДА ГИ СПАСУВААТ МАКЕДОНСКИТЕ БУГАРИ

    РАДЕВ СЕ МЕША ВО ВНАТРЕШНИТЕ РАБОТИ НА МАКЕДОНИЈА, ВЕЛИ ПЕНДАРОВСКИ ПО НАЈАВАТА ДЕКА БУГАРСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ ЌЕ ГИ АКТИВИРА РАЗУЗНАВАЧИТЕ ДА ГИ СПАСУВААТ МАКЕДОНСКИТЕ БУГАРИРеакцијата на бугарскиот претседател е спротивна и на основниот принцип во меѓународната политика за немешање во внатрешните работи на друга држава“, вели шефот на државата. (Фото:СДК.МК)

    Ниту од домашните институции, ниту во извештаите од Брисел за Македонија, вклучително и во последниот, претседателот на државата Стево Пендаровски има добиено информација или сретнал податок за кршење на човековите слободи и права на македонски граѓани само затоа што ја декларирале својата етничка припадност.

    Бугарскиот претседател Румен Радев вчера одржал средба со шефовите на безбедносните служби, како што соопшти неговиот кабинет, „за да се преземат соодветни мерки за адекватна заштита на правата на бугарските граѓани од дијаспората, кои се цел на напади“,

    Во изјава за САКАМДАКАЖАМ.МК Пендаровски упатува на беспримерно мешање на Бугарија во внатрешните односи на Република Северна Македонија.

    „Крајно невообичаено и секако надвор од внатрешните процедури на Алијансата е претседател на една земја-членка на НАТО да ги повикува своите служби за безбедност да реагираат за наводно кршење на правата на граѓани во друга земја-членка на НАТО. Реакцијата на бугарскиот претседател е спротивна и на основниот принцип во меѓународната политика за немешање во внатрешните работи на друга држава“, вели шефот на државата.

    Како држава кандидат за членство во ЕУ, продолжува Пендаровски, ние сме со години под редовен мониторинг на Брисел, но, ниту во последниот годишен извештај за напредокот на Европската Унија не се регистрирани такви случаи.

    Повод за средбата на Радев со разузнавачите било писмото од Културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола, но и сигнали од Бугари од Македонија „за зачестени појави на нарушувања на нивните права само поради тоа што се самоопределуваат како етнички Бугари“. Во соопштението не беше прецизирано какви мерки ќе бидат преземени.

    Румен Радев стана бугарски претседател во 2017 година како кандидат на опозициската БСП и постојано го критикува премиерот Бојко Борисов, додека Борисов го обвинува Радев дека одработува за БСП во предизборната кампања.

    Парламентарните избори во Бугарија се закажани за 4 април.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира