Во рок од седум дена 1.357 рамковни вработени треба да си ги подигнат решенијата за трансфер во друга институција. Вицепремиерот за политички систем и односи меѓу заедниците Артaн Груби денеска кажа дека нема веќе прибирања, тој ги потпишал упатните решенија и дека до крајот на месецов сите ќе почнат да работат на новите работни места.
„Ако по кој било основ кој било од нив не дојде во рок од 7 дена, тогаш на сите тие им се укинува работното место во Министерството за политички систем и се ставаат на трансфер листа во Министерството за информатичко општество и администрација каде веќе изборот не е нивен, односно од институцијата која има слободно место им се нуди. Ако тоа го одбијат им се укинува работниот договор. Немаат веќе право да прибираат и да бараат друго работно место, ова е единствената опција“, рече на прес-конференцијата Груби.
Тој кажа дека сите рамковни административци се распоредени на работните место на позиции соодветни на нивното образование и таму треба да им се овозможат обуки за да ги унапредат нивните вештини и знаења. На новинарско прашање дали списокот е прочистен, со оглед на тоа дека на него имало лица кои не живеат во земјава, Груби рече дека тоа е направено и сега такви лица на него нема.
А. АНТЕВСКА