РАНГЕЛОВА МЕ ПОВИКА ДА ИЗЛЕЗАМ НАДВОР КАЈ ДЕМОНСТРАНТИТЕ, СВЕДОЧЕШЕ ЖЕРНОВСКИ ЗА НАРАЧАНИТЕ ШАМАРИ

    РАНГЕЛОВА МЕ ПОВИКА ДА ИЗЛЕЗАМ НАДВОР КАЈ ДЕМОНСТРАНТИТЕ, СВЕДОЧЕШЕ ЖЕРНОВСКИ ЗА НАРАЧАНИТЕ ШАМАРИАндреј Жерновски и Никола Груевски пред денешното рочиште за предметот на СЈО за насилството и нарачаните шамари во Општина Центар. (Фото: М. Златевска)

    На денешното рочиште за предметот на СЈО Насилство во Општина Центар сведочеше поранешниот градоначалник Андреј Жерновски. Тој стигна да одговара само на прашања на обвинителството, бидејќи рочиштето беше прекинато поради обврски на еден од адвокатите на одбраната.

    Жерновски ги објаснуваше настаните од 7 и 10 јуни 2013 година. Тој кажа дека првин протести имало на 7 јуни, поради што седницата била одложена за 10 јуни, кога, пак, протестите биле помасовни и пожестоки. Жерновски откри дека тогашната советничка, сега пратеничка, Даниела Рангелова го повикала да излезе надвор да се соочи со демонстрантите и, како што кажа, не треба да поседувате големо политичко искуство да ја оцените намерата.

    „Откако почна седницата, демонстрантите ја скршија оградата на општината, влегоа во дворот и почнаа да удираат по прозорците, кршејќи ги и фрлајќи со предмети внатре во салата. Постоеше комуникација меѓу советниците и демонстрантите. Советничката Рангелова ме повика да излезам надвор и да се соочам и да им објаснам на луѓето. Не треба да поседувате големо политичко искуство да ја оцените намерата. Состојбата беше критична, а МВР не реагираше, иако јас и претходните денови повикав полицијата да се обезбеди работата на Советот. Јас и останатите советници се чувствуваме несигурни, загрозени беа нашите животи и не бевме во можност да излеземе од бараката“, сведочеше Жерновски.

    Потоа тој кажа дека со деталните урбанистички планови не се предвидувало уривање на црквата, што наводно беше повод за протестите, туку да се спречат градби кои не се почнати, а не и почнатите, како црквата. Тој посочи еден од обвинетите и кажа дека го препознава дека бил на протестите. Кажа и дека следеле законски измени со кои што се намалиле ингеренциите на општината и затоа тие промени на ДУП-овите биле донесени дури на крајот од неговиот мандат во 2017 година.  Судењето ќе продолжи на 18 декември, кога ќе следува вкрстено испитување на Жерновски.

    Денешното рочиште, на барање на одбраната, се снимаше.

    Првообвинет во овој предмет е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, а обвинети се уште пратеничката Даниела Рангелова и ексминистерот Миле Јанакиески. Вкупно обвинети во овој предмет се 14 лица и се однесува на насилствата во Општината Центар и нарачаните шамари за ексградоначалникот Андреј Жерновски во 2013 година.

    Во овој предмет ќе се користат и прислушуваните разгови како докази, Во еден од нив, објавен од поранешната опозиција, Груевски му вели на Јанакиески: „У петок ќе му собереме едно 2.000 луѓе пред Центар, дел ќе си влезат и внатре, пошо нели имаат право граѓани да влезат, па да видиме, да размислиме дали еден да стане и едно три-четири шамари јаки да му врзе пред сите. Не може ништо да му се напраи, нема тешка телесна повреда тука за кривична, има прекршочна само“.

    Двајца тогашни советници на ВМРО-ДПМНЕ Томислав Лазаров и Јордан Ристевски признаа вина на претходните рочишта и во издвоени постапки добија по шест месеци условно.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари