Евроамбасадорот Дејвид Гир денеска предупреди дека распуштање на цел Судски совет и на цел Совет на јавни обвинители е мешање во независноста на судска власт и ако тоа се случи, кај ЕУ ќе предизвика сериозна загриженост.
„Напорите за засилување на владеењето на правото не треба да бидат направени на начин кој би ги нарушил принципите на поделба на властите. На пример, распуштањето на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, ќе значи мешање во независноста на судската власт и ќе биде прашање за сериозна загриженост. Исто и за идејата за раздвојување на Академијата за судии и обвинители, институција која сметаме дека треба да служи како гарант за меритократија и непристрасност во судството“, беше дециден Гир.
На денешната конференција на која пред најистурените помагачи на реформите во правосудството, амбасадорите Гир, Анџела Агелер, Дирк Јан Коп и други, претседателката Весна Дамева и колегите презентираа напредок во спроведување на препораките на Оценската мисија пратена од ЕУ, Дамева побара индивидуална одговорност од членови на Советот со име и презиме, и санкции за оние што го погазиле законот.
Оценската мисија, всушност, и произлезе поради незаконската и силеџиска смена на Дамева лани во април, по што Управниот суд ја врати на претседателската функција. Им беше дозволено на судии како Енвер Беџети да чуваат и застаруваат предмети во фиока, да прават што сакаат. Натаму, членови на Судскиот совет со години да чуваат претставки против нивни блиски судии и за тоа да не одговараат, а други, намерно да го пропаѓаат изборот на кривичари во Врховниот суд, само зашто не се бирал нивен близок (компромитиран) судија за врховен.
„Судскиот совет почна сериозна реформа. Истакнувам дека Судскиот совет почна и персонално да се реформира, бидејќи веќе има и двајца нови членови, а до крајот на годината мандатот им истекува уште на тројца членови, што значи скоро половина ќе биде променет. За распуштањето на целиот Судски совет ме прашувате. Како правник, не ја поддржувам тезата за колективна одговорност. Мојот став е дека треба да има индивидуална одговорност и таа треба да биде точно детектирана. И, санкционирана. Одговорноста има име и презиме“, одговори Дамева на новинарско прашање.
Според неа, ако се оди на распуштање, за избор на нови членови на Судскиот совет ќе треба месеци, а тоа ќе создаде вакуум. Натаму, кажа таа, во тој празен простор ќе застарат поведени постапки за одговорност на судии поднесени токму од граѓаните и тоа тие судии ќе ги амнестира.
„Тоа ќе биде идентична ситуација по донесувањето на оние измени на Кривичниот законик, кога огромен број на обвинети беа амнестирани. При донесување на еден ваков закон за распуштање на Судскиот совет, мора да се внимава на овие последици“, рече Дамева.
Поддршка во почнатите реформи на Судскиот совет му даде и американската амбасадорка Анџела Агелер.
„Претседателке Дамева, многу добро знам колку напорно работевте за спроведување на овие реформи, на препораките од Оценската мисија и ви честитам за вашата одлучност. Извештајот на Оценската мисија е еден вреден патоказ за Судскиот совет и е вистински арсенал на оружје што ќе биде потребен за трансформирање на целото судство. Довербата во правосудството во Северна Македонија, како што живописно опиша амбасадорот на Холандија Дирк Јан Коп, денеска е шокантно ниска. Северна Македонија има добро обработени закони, доброопремени инститции и искусни обвинители и судии, а повеќето од нив и патувале, и имале размени со САД. Па се поставува прашањето – како да почнеме да го пополнуваме оној јаз или недостиг на доверба, на оние на кои треба да им служиме? Пораката е јасна и не се менува: Работете ја работата која што треба да ја работите. Следете го законот, работете за луѓето. Дајте отпор на политички притисоци, заштитете го својот интегритет и прифатете ја транспарентноста. Напорната работа веќе започна и, гледаме напредок. Сега дозволете ни да ви помогнеме да стигнете уште понапред на својот пат“, кажа амбасадорката на САД.
С. К. ДЕЛЕВСКА