РАЗРЕШЕН СУДИЈАТА МУСТАФА ШАХИНИ ЗА КОГО ИМА ОБВИНЕНИЕ ЗА ЗЛОУПОТРЕБИ ОД 200.000 ЕВРА

    РАЗРЕШЕН СУДИЈАТА МУСТАФА ШАХИНИ ЗА КОГО ИМА ОБВИНЕНИЕ ЗА ЗЛОУПОТРЕБИ ОД 200.000 ЕВРАСудскиот совет го разрешил Шахини откако против него беше покренато обвинение за злоупотреба на службената положба и овластувањата (Фото: К. Попов)

    Судскиот совет на денешната седница го разреши судијата на Управниот суд Мустафа Шахини за нестручно и несовесно работење, дознава неофицијално САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Обвинителството за организиран криминал и корупција на 5 декември лани поднесе обвинение против судијата Шахини за злоупотреба на службената положба и овластувањата по член 353 став 5, кој пропишува затворска казна од пет години нагоре. Тој се товари дека ја оштетил државата за над 200.000 евра.

    Обвинетиот до неговиот избор за судијa кон крајот на 2007 година, работејќи како адвокат, ги застапувал правните интереси на две физички лица, негови роднини, во оставинска постапка за градежно неизградено земјиште во Струга, со површина од 1.958.49 квадратни метри. Воедно, иако на нивниот правен претходник, по спроведена постапка за експропријација на земјиштето, со спогодба му бил определен и исплатен надомест за земјиштето што било предмет на оставинската постапка, тој повел постапка и пред Комисијата за одлучување по барањата за денационализација.

    Во меѓувреме, обвинетиот бил избран за судија во Управниот суд, каде што била поднесена тужба по основ на молчење на администрацијата против Комисијата за одлучување по барањата за денационализација во врска со истиот предмет за денационализација, по кој обвинетиот постапувал претходно како адвокат. Управниот суд оформил предмет кој бил доделен за работа токму на обвинетиот Мустафа Шахини.

    „Од 10.09.2018 до 24.01.2019, обвинетиот, како службено лице судија, постапувајќи спротивно на законските одредби, го земал предметот да го работи, иако знаел дека како поранешен адвокат на тужителите не смее да постапува и е должен да се изземе од постапувањето по однос на тужбата. Но, тој не ја прекинал работата врз предметот и не го известил Претседателот на Управниот суд за конфликтот на интереси. Притоа, иако поднесената тужба била неуредна, обвинетиот не го повикал тужителот да ги отстрани недостатоците, ниту пак ја отфрлил тужбата, туку продолжил да постапува по неа. Преземајќи дејствија во предметот, оневозможил Државното правобранителство како заинтересирано лице да се вклучи во управниот спор и да преземе мерки и правни средства за правна заштита на имотните права и интереси на државата“, стои во обвинението.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира