РАЗРЕШЕНА ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА СУДСКИОТ СОВЕТ ДАМЕВА, ПОТПРЕТСЕДАТЕЛОТ АДЕМИ САМ ГО СТАВИ ПРЕДЛОГОТ НА ГЛАСАЊЕ

    РАЗРЕШЕНА ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА СУДСКИОТ СОВЕТ ДАМЕВА, ПОТПРЕТСЕДАТЕЛОТ АДЕМИ САМ ГО СТАВИ ПРЕДЛОГОТ НА ГЛАСАЊЕПретседателката на Судскиот совет Весна Дамева и потпретседателот Селим Адеми. (Фото: СДК.МК)

    Потпретседателот на Судскиот совет Селим Адеми, кој од 2013 година е во Советот и двапати е на функцијата, побара од претседателката Весна Дамева да си поднесе оставка, наводно поради нарушени меѓучовечки односи.

    Откако таа одби, Адеми со помош на гласовите на членовите : Миљазим Мустафа, Мирсад Суроји, Ханиф Зендели, Лорета Георгиева, Павлина Црвенковска и Сашко Георгиевски, кој се премислуваше во кое мнозинство да биде, ја стави точката на дневен ред и ја разреши.

    Дамева кажа дека проблемот не се односите, туку надворешни нарачки и желби за избор и (не)разрешување на судии.

    Никој не ја демантираше ни кога таа кажа оти до пред околу еден месец, кога беше изборот на судии за Врховниот суд, немало никакви проблеми.

    Меѓу тие што не беа избрани тој ден е и апелациониот судија Енвер Беџети за кого има иницијатива за одговорност, бидејќи го држеше во фиока предметот „Тврдина-Таргет“ со Сашо Мијалков девет месеци.

    Дамева кажа: „Ајде сите да поднесеме, ако толку не чиниме”, на што Адеми ѝ одговори: „Ааа, заради вас сакате и ние да одиме. Не.”

    Претходно, Дамева им рече да предложат точка за разрешување, а не да измислуваат нарушени меѓучовечки односи.

    Но, новото мнозинство тоа не го стори. По паузата, побараа сама да си поднесе оставка, а ако нејќе, Адеми ќе ја предложи точката за нејзино разрешување од претседател на Советот.

    На ова, таа кажа дека нема да наседне на незаконски начин на разрешување на претседател. Адеми ѝ рече „Стани, јас ќе ја водам седницата, јас ќе преземам одговорност ако сметате дека е незаконски“.

    Цел ден траат кавгите.

    „Предложете точка за разрешување”, бараа Дамева, но и Тања Чачарова-Илиевска, која му поднела иницијатива на Беџети за разрешување.

    „Имаме предлог и тоа мора да го ставите на дневен ред”, бараа Адеми, Миљазим Мустафа и Павлина Црвенковска.

    „Најдете ми член да цитирам, за да не биде ова криминал. Кажете во ваква ситуација што да цитирам, кој член од деловникот. Пишете каде пишува за претседател како се разрешува, еве ќе постапам”, им одговори Дамева.

    „Со сила не се останува претседател. Мора да го ставите предлогот на гласање”, продолжи Адеми.

    „Констатирам на записник дека потпретседател му го одзема зборот, местото и мандатот на претседателот на Судскиот совет, без законска и деловничка поткрепа”, кажа Дамева.

    „Ќе го ставиме на гласање, утре продолжуваме со избор на нов претседател“, кажа Адеми.

    „Вие сте примиле надворешен налог денеска да ме тргнете со анархија”, рече Дамева.

    „Ова се тешки обвинувања претседателке”, викаше Адеми, кој потоа сам го стави предлогот за разрешување. Гласаа 7 „за” за нејзино разрешување.

    Дамева потоа кажа дека среќни барем ќе бидат тие од политиката што го нарачале ова.

    Претходно, мнозинството на Адеми ја прашуваше зошто писмото од амбасадорката Агелер не им било дадено веднаш да го прочитаат.

    „Прво, не сум го криела писмото. Јас бев на одмор. Вие како потпретседател зошто не им го презентиравте како мој заменик?Особено што се согласувам во целост со писмото. Ние колеги сме поделени. Не се согласуваме со гласањето. Тука гласаме за избор, за разрешување на судии. Сето ова е зашто не се согласуваме во гласањето. Јавноста виде како гласаме и дека не се согласуваме. Се криете колега зад причината: меѓучовечки односи. Ќе си одам со гордо крената глава. Но ви кажувам: Ако не сакаме да одиме по европскиот пат, не знам што ќе се случи со овој Судски совет, со државата”, рече Дамева.

    Додека сум член на Судскиот совет ќе се борам да бидат работите како што треба. Врз мене нема притисоци и јас не работам под влијанија однадвор, додаде таа.

    Судијата Ивица Николовски праша: „Што се случи? Соработката меѓу претседателката и претседателот беа одлични. Дури и на завидно ниво. И што е ова, одговорност на претседателката? Ова се лични меѓусебни пресметки, не е дискусија за меѓучовечките односи”.

    Црвенковска се правдаше зошто не гласала за избор на судии во кривичниот совет на Врховниот суд каде што само Мирјана Лазарова Трајковска е Македонка, другата судијка е Србинка и останатите тројца судии во советот се Албанци.

    Тој ден не помина Енвер Беџети и се оствари најавата дека ако тој не помине, нема да биде избран никој за во тој совет во Врховен суд.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира