РАЗРЕШЕНА СУМ ПО БАРАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА ДОМ МОРАЧАНИН, ВЕЛИ ДИРЕКТОРКАТА НА ИНСПЕКТОРАТОТ ЗА ЕКОЛОГИЈА АНА ПЕТРОВСКА

    РАЗРЕШЕНА СУМ ПО БАРАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА ДОМ МОРАЧАНИН, ВЕЛИ ДИРЕКТОРКАТА НА ИНСПЕКТОРАТОТ ЗА ЕКОЛОГИЈА АНА ПЕТРОВСКАДиректорката Петровска беше на функција нецела година. (Фото: К. Попов)

    Владата на денешната седница ја разреши од функцијата директорката на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) Ана Петровска. Петровска како кадар на ДОМ дојде на оваа фунција пред една година, односно после парламентарните избори и составувањето на новата Влада. На местото на Петровска за в. д. директор на Инспекторатот е поставен Сретен Стојковски од ДОМ.

    Досегашната директорка Петровска за САКАМДКАЖАМ.МК вели дека не е изненадена од разрешувањето, бидјеќи тоа е по барање на претседателката на ДОМ Маја Морачанин.

    „Изминатиов период, откако јас и Мирослав Богдановски од страна на претседателката Маја Морачанин бевме разрешени од сите партиски функции, се работи на моја политичка елиминација. Партијата ДОМ имаше убава агенда и визија, но сега можам да кажам дека не одат во добра насока. Мене ми беше чест што можев нецела година да работам во оваа институција, сметам дека одредени работи ги подобривме, но останува уште работа“, вели  Петровска.

    Таа продолжува да работи во Министерството за животна средина како помошник раководител за отпад каде работеше пред да стане државен секретар во Министерството, а потоа директорка на Инспекторатот.

    Од Владата велат дека разрешувањето е на барање на партијата ДОМ, оти согласно меѓукоалицискиот договор во Владата, позицијата директор на Државниот инспекторат за животна средина е во политичка надлежност на ДОМ.

    Петровска денеска одржа прес-конференција на која го презентираше извештајот од нејзината работа во првата половина на оваа година. Според извештајот, во периодот од јануари до јуни 2021, наместо планираните 866 инспекциски надзори, реализирани се 1.132 инспекциски надзори, или 30% повеќе од планираното. Во 2020 биле реализирани вкупно 947 инспекциски надзори, односно во 2021 се реализирани 185 надзори повеќе, или забележан е раст од 20%.

    Утврдени се 363 неправилности или законски повреди, за кои се издадени Решенија за нивно отклонување. За споредба, во истиот период во 2020 се утврдени само 120 неправилности, или во 2021 е забележано зголемување од 203%. Покренати се 43 прекршочни постапки, од кои 36 санкции се глоба-платен налог, а исто така покренати се 2 кривични постапки. Во шестмесечниот извештај за 2020 не се презентирани преземените казнени мерки.

    „Ефикасноста на Државниот инспекторат за животна средина е видливо зголемена во изминатиот период. Одлучни сме да им застанеме на патот на оние кои се обидуваат да ја загадат природата. И покрај предизвиците со кои се соочува Инспекторатот, продолжуваме со зголемени напори за поголема казнивост на загадувачите“, кажа Петровска на прес-конференцијата која се одржа неколку часа пред да биде разрешена.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира