Министерството за здравство ја разреши директорката на Клиниката за респираторни заболувања кај децата Козле, Каролина Симоновска, и на нејзино место ја назначи Катерина Бошкова, која над 20 години е дел од тимот на оваа установа, соопштија од министерството.
Разрешувањето на Симоновска, која вчера преку соопштение им забрани на медиумите да ѝ го споменуваат името, доаѓа по препукување помеѓу директорката и Лекарскиот колегиум на клиниката, кои преку протестно писмо побараа нејзина итна оставка. Оставката беше побарана поради нејзината одлука да ја разреши докторката Веселинка Митровска-Јосифовска.
„Министерството за здравство информира дека за нова директорка на УК за респираторни заболувања кај децата Козле е именувана проф. д-р Катерина Бошковска, која над дваесет години е дел од тимот на оваа установа. Д-р Бошковска е супспецијалист по педијатриска пулмологија. Во рамки на наставно образовната дејност е вклучена во активностите на катедрата при УКИМ и во последните пет години има објавено голем број научни трудови. Министерството се заблагодарува за досегашниот ангажман на претходната директорка д-р Каролина Симоновска“, соопштија денеска од Министерството за здравство.