РАЗРЕШЕНИОТ СУДИЈА СТОЈАНЧЕ РИБАРЕВ, КОЈ ОД ПАТ ЗА БИТОЛА ВРАТИ СУДИЈА ЗА ДА ГО СПАСИ ГРУЕВСКИ ОД ПРИТВОР, ЌЕ ГО КОНТРОЛИРА ПРИСЛУШУВАЊЕТО

    РАЗРЕШЕНИОТ СУДИЈА СТОЈАНЧЕ РИБАРЕВ, КОЈ ОД ПАТ ЗА БИТОЛА ВРАТИ СУДИЈА ЗА ДА ГО СПАСИ ГРУЕВСКИ ОД ПРИТВОР, ЌЕ ГО КОНТРОЛИРА ПРИСЛУШУВАЊЕТОРибарев во јули 2021 година беше разрешен од судиската функција, поради тоа што правел злоупотреби во електронскиот систем за самостојна распределба на судски предмети, местел предмети за висока корупција против поранешни високи функционери и друго (Фото: Врховен суд)

    Разрешениот врховен судија Стојанче Рибарев, кој како в.д. претседател на Кривичниот суд врати судија од пат за Битола за да дојде да направи гласови 2 спрема еден во кривичен совет за неодредување мерка притвор за Никола Груевски во 2017 година, ВМРО-ДПМНЕ го ангажира да го контролира прислушкувањето.

    Пратеникот Љупчо Николовски од СДСМ денеска рече дека СДСМ ја осудува и најостро се спротивставува на „скандалозната приватизација на Првиот состав на Советот за граѓански надзор на комуникациите, што на брутален начин го направи ВМРО-ДПМНЕ“.

    Имено, Комисијата за избори и именувања за претседател на Советот го предлага Илче Димовски, а за членови Мирче Стојков, Стојанче Рибарев, Никола Затуровски, Благоја Стојановски, Нафис Ќазимоски и Катерина Крстевска.

    „Ова тело ја контролира работата на институциите кои што ги следат комуникациите, односно ОТА и другите коишто следат комуникации согласно закон.  Предложениот претседател и дел од членовите, се долгогодишни партиски активисти на ВМРО-ДПМНЕ што целосно ја урива довербата во ова тело кое што треба да биде професионално, независно, експертско. Во законот е наведено дека тие треба да се експерти од правото, од телекомуникациите, информатичките технологии, безбедноста и одбраната. А имаме кандидат којшто е хемичар, потоа поранешен пратеник како експерт, кој исто така не е дел од оваа област“, рече на денешната прес-конференција Љупчо Николовски.

    Тој тврди дека „ДПМНЕ има намера повторно да се злоупотреби инструментот за прислушување, исто како што во време на режимот беа прислушувани над 20.000 граѓани, новинари, претставници на граѓанскиот сектор“.

    Уште денеска, рече, ќе биде информирана целата меѓународна заедница, амбасадите, релевантните меѓународни институции за овој антидемократски потег и нема да се дозволи повторно партијата на власт да го киднапира приватниот живот на граѓаните.

    Рибарев во јули 2021 година беше разрешен од судиската функција, поради тоа што правел злоупотреби во електронскиот систем за самостојна распределба на судски предмети, местел предмети за висока корупција против поранешни високи функционери и друго, додека бил в.д. претседател на Основниот кривичен суд Скопје и ги правеше распоредите на судии.

    Беше разрешен на предлог на Весна Дамева, која сега е претседателка на Судскиот совет и за која премиерот Христијан Мицкоски смета дека треба да си оди од местото.

    Тој кај подобни судии распореди 17 обвиненија за висока корупција против највисоките функционери од ВМРО-ДПМНЕ.

    Во тој период, во претходна постапка, или во фаза на поднесено обвинение, секогаш кога се бараше притвор за осомничените/обвинетите, барањата на обвинителството се одбиваа и никој не отиде во притвор.

    За да се погодат тие постапки кај подобни судии, Рибарев се грижеше со постојано менување на распоредот на судии. Правеше рокади, не дозволи да помине ниту едно барање за притвор на тогашното СЈО.

    Во јули 2017, кога при погрешна проценка на Рибарев се случи за случајот „Тенк“ за набавката на скапиот блиндиран „мерцедес“, кривичниот совет да гласа 2 спрема 1 Никола Груевски да биде притворен, тој го спаси од притвор. По дојава на судијката Дијана Груевска, Рибарев ургентно го врати од приватно патување во Битола судијата Марин Станевски, го извади судијата Дарко Тодоровски од советот, и успеа да направи обратен сооднос на гласовите.

    Со гласови 2 спрема 1, по интервенцијата на Рибарев, Груевски беше оставен да се брани од слобода. Потоа осуден во истиот предмет „Тенк“, тамам да влезе во затвор, избега во Унгарија.

    Рибарев потоа сите овие пишувања на САКАМДАКАЖАМ.МК во врска со враќањето на судијата од пат за Битола, ги потврди со соопштение.

    Потоа виде дека комисија од Министерството за правда доаѓа во Основниот кривичен суд да го „чешла“ АКМИС-от и објективноста во распределбата на судските предмети, брзо сервираше информации против претходникот Владимир Панчевски, не знаејќи дека тоа нема да го спаси од истата одговорност, според Судскиот совет – за рачно местење на судски предмети.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира