РАЗУЗНАВАЧ ОД АНБ И АМНЕСТИРАН ЗА 27 АПРИЛ ОД БИТОЛСКИ БИЗНИСМЕН БАРАЛЕ 75.000 ЕВРА ЗА ДА ЗАПРАТ ЛАЖНА ИСТРАГА ПРОТИВ НЕГО, ТОЈ ГИ СМЕСТИ ВО ПРИТВОР

    РАЗУЗНАВАЧ ОД АНБ И АМНЕСТИРАН ЗА 27 АПРИЛ ОД БИТОЛСКИ БИЗНИСМЕН БАРАЛЕ 75.000 ЕВРА ЗА ДА ЗАПРАТ ЛАЖНА ИСТРАГА ПРОТИВ НЕГО, ТОЈ ГИ СМЕСТИ ВО ПРИТВОРПо насоки на МВР, бизнисменот им дал обележани пари на разузнавачот и на другиот измамник кој се претставил дека работи во Финансиска полиција, и ги сместил зад решетки. - Затворот во Шутка (Фото: СДК.МК)

    Пред судија на претходна постапка со барање за притвор од синоќа е разузнавач од Агенцијата за национална безбедност (поранешна УБК) и обвинетиот за организираниот напад во Собранието на 27 април 2017, кој како соработник беше подоцна амнестиран, за измама на бизнисмен со креирана лажна пријава против него.

    Бизнисменот, според сознанијата на САКАМДАКАЖАМ.МК е од Битола, кој сигурен дека не направил никакво кривично дело, веднаш се посомневал и ги пријавил измамниците во МВР.

    По насоките на МВР, се правел „на Тошо“, им дал обележани пари на разузнавачот и на другиот измамник кој се претставил дека работи во Управата за финансиско разузнавање, и ги сместил зад решетки.

    „Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против две лица од кои едното е осомничено дека сторило кривично дело – Измама од член 247 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, додека за другото постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Лажно претставување согласно член 391 став 1 од Кривичниот законик. Првиот осомничен, со намера да прибави противправна имотна корист за себе, лажно прикажал факти согласно кои наводно поседувал информации дека Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција води постапка против повеќе физички и правни лица. Притоа, од еден од наводно осомничените во таа постапка и негов пријател побарал парична награда од 75.000 евра кои би му биле исплатени во неколку рати, за да ги искористи своите конекции и врски што наводно ги имал со истражители во обвинителството, за да се запре постапката. Наредбата со невистинита содржина која му ја прикажал на оштетениот за да го увери во вистинитоста на своите тврдења осомничениот ја креирал на неговиот компјутер, со што го довел во заблуда оштетеното лице“, наведува обвинителството како била креирана лажната пријава против битолскиот бизнисмен.

    Во тоа му помогнал и вториот осомничен, кој на средба со оштетениот лажно се претставил како вработен во Управата за финансиско разузнавање и воедно истражител во ОЈО за гонење организиран криминал и корупција. На 3 ноември, првиот осомничен се сретнал со оштетениот во ресторан во Скопје и зел од маркирано 5.000 евра за услугата што ветувал дека ќе ја изврши, кога и полицијата го уапсила по наредба на обвинител.

    Од Агенцијата за национална безбедност демантираат дека еден од уапсените е вработен кај нив.

    „Агенцијата овозможи пристап и увид до сите барани податоци од страна на судот во претходна постапка при што неспорно се утврди дека не постојат никакви податоци или документи кои би можеле да упатат на било каква инволвираност на вработени во АНБ во случајот. Напоменуваме дека припадниците на безбедносните служби постапувајќи во рамките на своите работни обврски, покрај останатото може да остваруваат контакти и со поединци од криминални, екстремистички и терористички средини и за истите согласно подзаконските и интерни акти постојат оформени службени материјали“, се вели во демантот на АНБ.

    Неофицијално, второосомничениот е еден од обвинетите за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година, кој соработуваше со обвинителството, раскажа во детали како бил организиран, изведен нападот и со кои (обвинети и сега осудени) лица, посочувајќи еден од сега осудените нарачатели, тогашниот директор на УБК Владимир Атанасовски.

    Тој сведочеше дека задачата била колите на Петре Шилегов (кој беше нападнат и држен внатре во прес салата) и на Љубомир Фрчкоски таа вечер требало да бидат дигнати во воздух.

    „Кољо и Нинџа имаа пиштоли и значки од УБК. Нинџа имаше 2 блиндирани возила. Блиндиран џип со петти и мерцедес блиндиран со седми степен безбедност. Нинџа имаше и радиостаница, ги слушаше командите на полицијата на ниво на СВР Скопје. Пред 27 април се вршеа насилства врз ‘државни непријатели’, јавни лица и новинари, по проценка и под полна заштита на директорот на УБК Владимир Атанасовски. Операциите ги изведуваше и Нинџа. Имаше насоки да се дигнат во воздух колите на Петре Шилегов и на Љубомир Фрчкоски, но до тоа не дојде“, беше изјавата на сведокот-обвинет кој сега рекетира бизнисмени со разузнавачот од АНБ, која го спаси тогаш од затворска казна заедно со останатите обвинети и осудени лица во големиот судски процес за 27 април.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира