Државниот инспекторат за локална самоуправа денес донесе решенија да се запре постапката за распишување референдум за мигрантите во 12 општини и да поведе постапка пред Уставниот суд за оценка на законитоста на одлуките донесени од Советите на општините. Инспекторот во Државниот инспекторат за локална самоуправа Рахим Муслиу рече дека 14 општини донеле одлука за референдум, но само 12 до Инспекторатот доставиле Службени гласници дека одлуките се објавени. Општините кои донеле вакви одлуки се Кочани, Штип, Гевгелија, Кавадарци, Велес, Неготино, Битола, Прилеп, Радовиш, Гази Баба, Аеродром, Охрид, Карпош и Ѓорче Петров.
Тој кажа дека очекуваат објава во Службен гласник да добијат и од општините Карпош и Ѓорче Петров.
„Државниот инспекторат за локална самоуправа донесе решенија да се стопира постапката додека се произнесе Уставниот суд за законитоста и уставноста на одлуките за референдум донесени од општините. Причините зошто е запрена постапката ќе ги видите во решенијата кои ќе ги објавиме во Службен весник. Сметаме дека е согласно член 22 од Законот за локална самоуправа, според кој од изборот на надлежностите што ги имаат општините тие не може да го регулираат ова прашање”, рече Муслиу.