РЕФЕРЕНДУМОТ Е КОНСУЛТАТИВЕН, НО РЕЗУЛТАТОТ ЌЕ БИДЕ ОБВРЗУВАЧКИ, ВЕЛАТ ОД СДСМ

    РЕФЕРЕНДУМОТ Е КОНСУЛТАТИВЕН, НО РЕЗУЛТАТОТ ЌЕ БИДЕ ОБВРЗУВАЧКИ, ВЕЛАТ ОД СДСМРеферендумот за името ќе чини 3,5 милиони евра. - Координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев, генералниот секретар на СДСМ Александар Кирацовски и лидерот на ЛДП Горан Милевски на вчерашната собраниска седница за распишување на референдумот (Фото: К. Попов)

    Собранието вчера со 68 гласови „за“ ја донесе одлуката за распишување референдум за името на 30 септември, а ќе се одговара на прашањето „Дали сте за членство во Европската унија и НАТО со прифаќање на Договорот за името меѓу Македонија и Грција“. Со овој Договор, потпишан на 17 јуни во грчкиот дел на Преспа, во селото Псарадес (Нивици), името на земјава ќе биде Република Северна Македонија за севкупна употреба, со македонски јазик и македонска националност.

    Референдумот е консултативен, но од владејачката СДСМ велат дека волјата изразена на него ќе биде обврзувачка за сите.

    „На 30 септември Македонија на референдум ќе одлучи за постигнатиот договор со Грција, ќе одлучи за членството во ЕУ и НАТО. Граѓаните се носители на суверенитетот, граѓаните одлучуваат на избори и на референдум. Референдумот е вистинска и непосредна демократија, а волјата изразена на него мора да биде и ќе биде обврзувачка за сите. Гласот на граѓаните е клучен за македонската иднина“, изјави пратеникот на СДСМ Костадин Костадинов на прес-конференција по распишување на референдумот.

    Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека прашањето е манипулативно и има повеќеслојно значење за и како што вчера кажа генералниот секретар на партијата Игор Јанушев власта го турка таквото прашање бидејќи сака да ја изигра волјата на народот. Тој не даде конкретен одговор дали ВМРО-ДПМНЕ ќе го бојкотира референдумот и рече дека за тоа деновиве ќе одлучат партиските органи.

    Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ пред гласањето на одлуката за распишување на референдум ја напуштија собраниската сала, a не бе присутни ниту да ги образложат двата амандаман што ги поднесоа.

    Референдумот за името ќе чини 3,5 милиони евра и средствата ќе бидат обезбедени со пренамена на други средства од Буџетот, за што вчера гласаа пратениците.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира