Недовршениот проект за дигитализација на радиодијагностиката, што во 2012 година го воведе поранешниот министер за здравство Никола Тодоров, им отежна на пациентите да ја добијат потребната здравствена услуга, бидејќи снимките направени во една болница, не може да се прочитаат во друга.
Дел од болниците вадат дигитални снимки на це-де, дел сè уште снимките ги издаваат на рендген филмови, а меѓу болниците не се воедначени и програмите за читање на дигиталните снимки.
Лекарите велат дека мака мачат да споредат нова и стара снимка од рендген, компјутерски томограф или магнетна резонанца, зависно од тоа во која болница пациентот бил сниман.
„Пациент пред пет месеци на рендген се снимал на Радиологија и му издале це-де со снимката. Овој месец требаше да дојде со нова снимка и радиологот да направи споредба меѓу старата и новата состојба. Прв слободен термин бил во Здравствен дом, но таму не можел да ја добие оваа услуга, оти снимките ги даваат на филмови и немаат програма за читање на це-де. Друг пациент дојде со сника од КТ од 8-ми септември. Сакав и јас да ја видам снимката, пред да му одредам терапија, но нашиот компјутерски систем немаше поддршка за форматот во кој е направена и не можев да ја отворам“, вели лекар од скопските клиники.
Со проектот за дигитализација на радиодијагностиката, кој како пилот проект се спроведуваше во дел од болниците во 2011 година, а потоа требаше да се воведе и во останатите до 15 февруари 2012 година, како што тогаш најавуваше ексминистерот Тодоров, требаше да се направат заштеди во здравствениот систем. Место скапи рендген филмови, снимката беше предвидено да се дава на це-де, а заштедените пари според тогашните изјави на Тодоров, требаше да се употребат за други здравствени услуги.
Сегашниот министер за здравство Венко Филипче вели дека знаат за проблемот со нецелосно и несоодветно извршена дигитализација на радиодијагностиката и дека подготвуваат нов проект со кој ќе се реши овој проблем.
„Работиме на проект да ги поврземе дигитално сите апарати од радиодијагностиката во еден систем и да може секој лекар преку дигитална архива да влезе и да ја види снимката, без оглед дали на пациентот му е дадено це-де со истата. Тоа е многу битно за да се подобри експертизата и дијагностиката, а секако и да се обезбеди второ мислење или пак ако нема лекар во некоја болница во внатрешноста, снимката да може да ја види лекар од Скопје и да даде соодветна дијагноза“, вели Филипче.
Тој кажа дека најдоцна за две недели ќе се знае колку ќе чини реализација на овој проект и колку време ќе биде потребно да се имплементира во пракса.
Е. БОЧВАРОСКА