Државниот секретар на САД Мајк Помпео ја поздрави ратификацијата на Договорот од Преспа во грчкиот парламент и рече дека тоа ќе ѝ овозможи на Република Северна Македонија да си го заземе заслуженото место во НАТО и ЕУ.
„САД ја поздравуваат одлуката на грчкиот Парламент да го ратификува Договорот од Преспа со Грција. Грчките лидери демонстрираа визија, храброст и упорност во нивната потрага по решение за спорот за името, што ќе ѝ овозможи на идната Република Северна Македонија да си го заземе заслуженото место во НАТО и ЕУ. САД ова го сметаат за историска шанса за унапредување на стабилноста, безбедноста и просперитетот низ целот регион“, се вели во изјавата на Помпео што денеска ја објави Стејт департментот.
Грчкиот парламент попладнево со 153 гласа „за“ го ратификуваше Договорот од Преспа, со кој се става крај на 27-годишниот спор за името помеѓу Грција и Македонија и кој, меѓу другото, предвидува новото име на државата да биде Република Северна Македонија.
Претходно, македонското Собрание со 81 глас „за“ ги усвои четирите уставни амандмани предвидени со Договорот од Преспа и потоа со ист број гласови донесе одлука за прогласување на амандманите 33, 34, 35 и 36 со што тие стануваат дел од Уставот. Со ова, името на земјава е Република Северна Македонија за севкупна употреба, со признати македонски јазик и македонска националност.