Собраниската Комисија за избори и именување едногласно ги изгласа новите шест членови на Антикорупциската комисија и за претседател ја предложи ревизорката Билјана Ивановска.
За членови на новата Антикорупциската комисија до Собранието се предложени Владимир Георгиев државен советник на секретаријатот на Антикорупциска кој беше бодуван со максимални 100 бодови, Софка Пејовска Дојчиновска, раководител на сектор за спречување на корупцијата и судир на интереси со 98,17 бодови. Двајцата прворангирани работат во Антикорупциска од нејзиното формирање до денес. Трета е ревизорката Катица Николовска со 94,67, четврти е Нури Бајрами со 93,57 бодови вработен во Општина Гостивар. Петти член ќе биде новинарот на дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК Горан Трпеноски со 89,29, а седми Салаи Шемши вработен во Општина Врашчиште со 89,17 бодови.
Претседателката и членовите беа едногласно изгласани од Комисијата за избори и именување.
„Од седумте најдобро рангирани кандидати Билјана Ивановска се предлага за претседателка на Антикорупциската бидејќи е прва од рангираните кандидати која конкурирала за претседател. Предлог листата ќе биде доставена за гласање во Собранието“, рече претседателот на Комисијата за избори и именување, пратеникот Илија Димовски.
Пленарната седница во Собранието треба да се одржи денеска 12.30 часот на која треба пратениците да ја изгласаат новата Антикорупциска комисија.
А. АНТЕВСКА