РОДИТЕЛИТЕ НА ЗАГИНАТИТЕ ВО „ПУЛС“ НАЈАВИЈА СЕКОЈДНЕВНИ БЛОКАДИ ВО КОЧАНИ, РЕВОЛТИРАНИ ОД ИЗЈАВИ ДЕКА СУДЕЊЕТО ЌЕ ТРАЕ 15 ГОДИНИ

    РОДИТЕЛИТЕ НА ЗАГИНАТИТЕ ВО „ПУЛС“ НАЈАВИЈА СЕКОЈДНЕВНИ БЛОКАДИ ВО КОЧАНИ, РЕВОЛТИРАНИ ОД ИЗЈАВИ ДЕКА СУДЕЊЕТО ЌЕ ТРАЕ 15 ГОДИНИБлокадите ќе траат сè додека не започне судскиот процес за трагедијата од 16 март. (Фото: СДК.МК)

    Родителите на настраданите во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ најавија дека од утре ќе организираат мирни јавни собири и блокади на кружниот тек кај двојниот мост во градот. Блокадите, како што кажаа, ќе се одржуваат секој ден по еден час, од 15:15 до 16:15 часот, сè додека не започне судскиот процес за трагедијата од 16 март.

    Оваа одлука беше соопштена на денешниот 26. „Марш за ангелите“, одржан пред Основниот суд во Кочани. Револтот кај семејствата е предизвикан од, како што велат, изјави на адвокати на осомничените дека судењето би можело да се одолговлекува и до 15 години.

    „Оваа изјава е срамна и понижувачка за семејствата чии деца ги загубија животите. Таквите зборови звучат како обид јавноста да се подготви за бавно одолговлекување и заборавање. Ние тоа нема да го дозволиме“, изјави мајка на едно од загинатите девојчиња.

    Семејствата на жртвите бараат итно зголемување на капацитетот на судскиот состав со дополнителни судии и соработници, со цел да се избегне одолговлекување на процесот поради недостиг на ресурси. Тие инсистираат рочиштата да добијат приоритет и да се одвиваат во континуитет, без непотребни одложувања, и бараат јавно и транспарентно следење на сите судски активности за да се спречат можни манипулации.

    „Правдата не смее да се влече. Ќе бидеме тука, на кружниот тек, сè додека не почне судењето. Животот на едно дете вреди повеќе од нечии интереси и адвокатски игри“, велат членови на семејствата кои ги загубија своите најблиски.

    Денешниот „Марш за ангелите“ започна од „Паркот на Револуцијата“, а попатно, сообраќајот на кружниот тек пред двојниот мост беше симболично блокиран петнаесетина минути, токму на местото каде што од утре ќе се одржуваат секојдневните протести.

    Судијката Диана Груевска-Илиевска од Oдделот кривично полнолетни во Кривичниот суд ќе го суди предметот за пожарот во кочанската дива дискотека „Пулс“ на 16 март со 62 жртви и 200 повредени, откако на 3 октомври Основниот кривичен суд Скопје соопшти дека во целост е одобрен обвинителниот акт за пожарот.

    Станува збор за предмет со 37 обвинети лица и 33 бранители, кој Врховниот суд на 25 јуни одлучи од Кочани да го премести во Скопје. Образложението беше дека со случајот треба да постапуваат „судии со стекнато искуство и познавање на кривичната материја кои ќе овозможат ефикасно, стручно и законито постапување, а воедно ќе придонесат за сензибилизирање на јавноста“.

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира