СЀ УШТЕ ОЦЕНУВАМЕ КАКО ДА ВЛЕЗЕМЕ ВО ПАРТНЕРСТВО СО Д-Р ЖАН МИТРЕВ ЗА ДЕТСКАТА КАРДИОХИРУРГИЈА, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ

    СЀ УШТЕ ОЦЕНУВАМЕ КАКО ДА ВЛЕЗЕМЕ ВО ПАРТНЕРСТВО СО Д-Р ЖАН МИТРЕВ ЗА ДЕТСКАТА КАРДИОХИРУРГИЈА, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕКлиниката за детска хирургија денес доби донација од 1,2 милиони денари од Државна видеолотарија, со кои ќе биде набавен мобилен ехо апарат. (Фото: Министерство за здравство)

    Тимот за детска кардиохирургија место да се сели во приватната болница на д-р Жан Митрев, Министерството за здравство ја разгледува опцијата тој да остане на Клиниката за детски болести, а во рамки на дополнителна работа да се воспостави јавно-приватно партнерство. Ова денес го кажа министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека сега прават анализа на податоците и трошоците за кардиохируршки интервенции кај деца овде и во странство и дека сѐ уште се разгледува моделот по кој ќе може да се искористат просторот и искуството од приватните болници со искуството што го има кардиохируршкиот тим од Клиниката за детска хирургија. Според него до крајот на годината ќе бидат готови анализите и ќе може да има нов модел за подобри услови за операции на срце кај бебиња и мали деца.

    Тој пред еден месец кажа дека ја разгледуваат опцијата целиот тим за кардиохирургија од Клиника за детска хирургија да се префрли во приватната болница на д-р Жан Митрев.

    „Станува збор за еден процес во кој планираме да влеземе. Сѐ уште не е донесена одлука, но би сакал да ги нагласам предностите пред сѐ од аспект на децата. Сега во моментот самата организација на процесот, бидејќи бара мултидисциплинарен пристап е многу комплицирана и со ова сакаме да обезбедиме родителите и децата да не се шетаат од клиника на клиника, туку на едно место да ја добијат услугата“, рече Филипче.

    Според него се разгледуваат неколку опции и во тек е оценката на моделот каде ќе се водат вработените за да бидат на располагање на сите пациенти.

    „Не станува збор за селење на кадарот во приватни болници и дека со тоа ќе се одрази на работата на Клиниката, бидејќи овој тим работи само кардиохирургија. Доколку е потребно и ќе го зајакнеме тимот. Не очекуваме намалување на кадарот, бидејќи сметаме дека ќе може да работат и во јавната здравствена установа и во рамки на дополнителна работа да се искористи просторот на приватната болница. Сѐ уште го разгледуваме и моделот околу дополнителната работа. Сметам дека јасната поделба меѓу приватно и јавно здравство треба да се надмине и да се искористат сите капацитети, додека го изградиме клиничкиот центар“, рече Филипче.

    Тој кажа дека во случајот и тимот и операциите ќе се плаќаат по цените за дијагностички сродни групи на Фондот за здравствено осигурување, а дека за пациентите лекувањето ќе биде бесплатно.

    Детската кардиохирургија на Клиниката за детски болести беше воведена пред шест години, кога тим американски лекари предводени од д-р Вилијам Новик заедно со македонските хирурзи ги почнаа првите операции на бебиња до едногодишна возраст. Со тимот за детска кардиохирургија, кој го предводи д-р Владимир Чадиковски, низ годините работеа повеќе странски доктори и професори, а во моментов со нив работат хирурзи од Србија. Д-р Чадиковски вели дека годишно на Клиниката за детска хирургија прават шеесетина операции на срце кај бебиња.

    Е. БОЧВАРОСКА

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира