Министерот за здравство Беким Сали на Фејсбук ги повика здравствените работници да се вклучат во пружањето медицинска помош за настраданите во катастрофалниот земјотрес во Турција.
„Ве повикувам сите кои сте спремни, да учествувате во хуманитарните акции кои се во тек во Турција после катастрофалниот земјотрес. Вашето знаење и искуство во полето на медицината се непроценливи и секаква помош во вакви случаи е добредојдена. Ве повикувам, сите да се сплотиме и да ја покажеме нашата солидарност и знаење на оние на кои им е најпотребна“, напиша министерот, кој по професија е стоматолог.
Заинтересираните може да се пријават на следниот линк, a за понатамошни информации, вели Сали, ќе бидат контактирани.
Светската здравствена организација процени дека 23 милиони луѓе, од кои над милион деца, се изложени на последиците на вчерашниот катастрофален земјотрес во Турција и Сирија, додека бројот на загинати во двете земји надмина 5.000.
Помош за Турција испратија пожарникарските екипи од општините Струмица, Битола и Тетово.
Од Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) побараа сите Општини да испратат помош за Турција.
Б. НЕСТОРОСКА