САМО 8 ОТСТО ОД ОСНОВНИТЕ И 7 ОТСТО ОД СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА СЕ ИЗЈАСНИЛЕ ДЕКА ОНЛАЈН НАСТАВАТА ИМА ПРЕДНОСТИ ВО СПОРЕДБА СО КЛАСИЧНАТА

    САМО 8 ОТСТО ОД ОСНОВНИТЕ И 7 ОТСТО ОД СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА СЕ ИЗЈАСНИЛЕ ДЕКА ОНЛАЈН НАСТАВАТА ИМА ПРЕДНОСТИ ВО СПОРЕДБА СО КЛАСИЧНАТАКај 83% од основните и 68% од средните имало ученици кои не биле во можност од објективни причини да следат онлајн настава. - Од годинашниот упис на првачиња (Фото: СДК.МК)

    Само 8 отсто од испитаните основни и 7 отсто од испитаните средни училишта се изјасниле дека онлајн наставата има предности, во истражувањето на тим на Народниот правобранител за ефикасноста на онлајн наставата од март до јуни. Останатите се изјасниле дека децата треба да се вратат на физичка настава.

    Во однос на прашањето: „Какви одговори добивте од учениците и нивните родители за ефектот од онлајн наставата?“ се известува за позитивни и негативни споделени мислења, но дека општо мислење на учениците/родителите е дека подобри ефекти има наставата која се реализира со физичко присуство во училиште.

    Одговорите се дека онлајн наставата го нема истиот ефект како класичната, дека онлајн наставата делумно ги задоволува потребите на учениците, дека било напорно и создавало отпор кај учениците, дека учениците биле преоптеретени од премногу зададени задачи и дека како проблем се јавило усогласување на распоредот на часови со работното време на родителите.

    Извештајот на Омбудсманот покажува катастрофални резултати со обидот од март до јуни да се одржува наставата електронски од далечина, што од неспремност на Бирото за развој на образованието кое постои за вакви случаи, што од немање технолошки ресурси, неможност на родителите да им помагаат на децата да учат од дома, како и од други фактори.

    Според анкетата, само 11 отсто од наставниот кадар од основните училишта располагал со ресурси и информатички познавања за спроведување квалитетна онлајн настава, а 58 проценти делумно.

    „Од горенаведените податоците произлегува дека наставниот кадар, како во основните така и во средните училишта, во најголем процент делумно располагал со ресурси и информатички познавања за спроведување на онлајн наставата. Значајно помал е процентот на училиштата кои одговориле дека наставниот кадар во рамките на конкретното училиште е целосно подготвен од технолошки аспект, како и од аспект на поседување дигитални вештини и компетенции за реализација на квалитетна е-настава“, заклучува тимот од кај Народниот правобранител во извештајот за истражување за начините на реализација на онлајн наставата во услови на пандемија од КОВИД-19.

    Кај 83% од основните и 68% од средните имало ученици кои не биле во можност од објективни причини да следат онлајн настава.

    „Погоренаведеното прашање беше поставено на уште поконкретна основа, така што од училиштата се бараше одговор дали сите нивни имале технички можности да следат онлајн настава. Следствено, 78% од основните и 61% од средните училишта одговориле негативно односно дека во овој процент не сите ученици имале технички уреди и интернет за непречено следење на наставата“, стои во извештајот.

    Одговор доставиле 36 основни (или 88% од вкупно анкетираните основни училишта) и 28 средни училишта (или 90% од вкупно анкетираните средните училишта).

    Оние училишта што одговориле, навеле дека за онлајн настава користеле: Google classroom, Edmodo, Google Drive, Microsoft Teams, Eduino, Zoom, Viber, Messenger, Facebook, Skype, како и веб страниците на самите училишта.

    „Карактеристично е дека платформата Едуино, како едукативна платформа предложена од страна на ресорното Министерство за образование и наука не е често наведена во одговорите на училиштата, особено не од страна на средните училишта, а според сознанијата, причината е поради тоа што на неа не беа застапени голем број на наставни содржини кои беа наменети за средношколците“, се наведува во извештајот.

    Оттаму, Омбудсманот бара Бирото за развој на образованието да преземе мерки за ревидирање на наставните планови и програми и ако е потребно изработување на скратени наставни програми, кои ќе им овозможат на наставниците поголема флексибилност во спроведувањето, во согласност со избраниот модалитет за реализација на наставата (онлајн/со физичко присуство/или комбинирано). Во тој контекст, да се преземат мерки за прилагодување на постоечките наставните програми и планови како би гарантирале ефикасен наставен процес за сите ученици од основните и средните училишта, со фокус и кон учениците со попреченост.

    Во однос на психолошките ефекти кои се јавиле кај децата како последица од изолацијата и изменетите услови на живеење и однесување за време на корона кризата, родителите со училиштата споделиле дека кај дел од учениците се забележувале низа негативни психолошки реакции, како: појава на збунетост, стрес, анксиозност, страв, нервоза, непослушност, блага агресивност, дека изолацијата влијаела лошо врз децата, често манифестирале неволност и пасивност, нетрпение, невнимание, тешкотии во совладување на материјалот и одбивност кон учењето.

    На маргините беа оставени особено децата со попреченост. Не сите образовни асистенти кои во текот на учебната 2019/20 година давале поддршка во учењето на учениците со попреченост, биле вклучени и во давањето на поддршка во учењето и за време на далечинското учење.

    Толкава била грижата на државата кон овие деца и средношколци, што на голем број од асистентите во наставата, со отпочнувањето на онлајн настава, им биле прекинати договорите за работа. Овие учениците со попреченост само делумно можеле да следат онлајн настава или имале значајни проблеми во следењето на наставата.

    Целиот извештај е даден во Министерството за образование со десетици и десетици препораки од Народниот правобранител како да се обезбеди правото на секој ученик да се образува и учи, со барање да ја дигитализира наставата на начин што ќе се овозможи таа да биде достапна на секој ученик, вклучително и на децата од руралните средини, социјално загрозените семејства и учениците со попреченост.

    Почетокот на учебната година, со одлука на Владата, одложен за 1 октомври.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира