САНИТАРНА ИНСПЕКЦИЈА ИСПИТУВА ЗОШТО ЧЕТИРИ БЕБИЊА ВО ИСТ ДЕН ПОЧИНАА НА ГИНЕКОЛОГИЈА

    САНИТАРНА ИНСПЕКЦИЈА ИСПИТУВА ЗОШТО ЧЕТИРИ БЕБИЊА ВО ИСТ ДЕН ПОЧИНАА НА ГИНЕКОЛОГИЈАКомисијата за стручен надзор за работата на Гинекологија констатира дека во случајот со четирите починати предвреме роденио бебиња запазени се сите медицински протоколи за третман и нега. (Фото:СДК.МК)

    Државниот санитарен и здравствен инспекторат испитува дали има пропусти во хигиенско санитарните услови и протоколи за работа на Клиниката за гинекологија, откако на 21-ви овој месец во иста вечер починаа четри предвреме родени бебиња.

    „Побарав Државниот санитарен и здравствен инспекторат детално се да провери на одделот за интензивна нега каде се предвреме родените бебиња. По нивниот надзор ќе знаеме дали е тука проблемот“, вели Викторија Јовановска, новата директорка на Клиниката за гинекологија .

    Денес излезе и извештајот од комисијата за стручен надзор на работата на Клиниката за гинекологија, што ја формираше Министерството за здравство токму за овој случај. Според овој извештај медицинскиот персонал постапил според предвидените медицински протоколи.

    „Даден е соодветен третман пред породувањето, запазени се правилата за индикација за оперативно завршување на предвреме започнатото породување, запазени се анестезиолошките процедури, успешно е спроведена првична стабилизација на новородените, како и соодветно спроведена постнатална интензивна нега и терапија“, стои во извештајот на комисијата за стручен надзор.

    Според извештајот на комисијата, се работи за високоризични бремености, завршени со предвремено породување во рана гестациска возраст и ниска родилна тежина на бебињата. Бебињата биле со медицински компликации во текот на бременоста и според комисијата, сите овие ризик фактори го отежнуваат нивното преживување и ја зголемуваат стапката на морталитет и морбидитет.
    „Предвреме родено машко дете во 25 гестациска недела, со екстремно мала родилна тежина ставено на палијативен третман. Починало во првите 24 часа од раѓањето. Второто е предвреме родено женско дете во 29 гестациска недела, поради ризична бременост, а мајката имала висок притисок и инфекција. Дадена е соодветна медицинска терапија, починало третиот ден од раѓањето. Третото бебе е предвреме родено машко дете во 29 гестациска недела. И тоа било од ризична бременост, и веднаш е интубирано по раѓањето. Дадена соодветна терапија. Состојбата се влошила поради што повторно е реинтубирани и извршена е реанимација, но починува. Четвртото е женско бебе родено 27 гестациска недела. На одделот за интензивна нега престојувало 37 дена во исклучително тешка состојба и цело време било на апарати за дишење“, стои во извештајот на комисијата за стручен надзор, формирана од Министерство за здравство.

    Директорката на Гинекологија Јовановска вели дека дежурната докторка на чија смена починале бебињата останува под суспензија до четврток, кога ќе расправа дисциплинската комисија на Клиниката.
    „Донесов одлука за времена суспензија на докторката под сомнение дека го повредила работниот однос, односно дека не била на своето работно место. Сега се собираат сите извештаи и од сестрите и од останатиот медицински персонал за да се види што точно се случило, односно дали навистина пред да почине првото бебе не била на работното место“, вели Јовановска.

    Таа додава дека според извештајот од комисијата за стручен надзор за работата на Гинекологија јасно е дека во случајов бебињата починале затоа што биле со тешки компликации и дека нема медицински пропуст во нивниот третман од дежурната докторка.

    „Треба да се види дали навистина има повреда на работниот однос. Не сакам никого предвреме да осудувам, но неодговорно е медицинска нега со 51 бебе да остане без дежурен лекар. Од друга страна разбирам дека овие дежурства се многу тешки и дека еден доктор на 51 бебе во интензивна воопшто не е лесно. Пренатрупани сме со родилки, од друга страна недостига кадар, и педијатри, и гинеколози и медицински сестри. Тоа е резултат на едно долгогодишно запоставување на клиниката, оти нашата интензивна нега е за најмногу 25 деца. Клиниката е со капацитет за 3.500 породувања, а годишно имаме и по 6.000“, вели Јовановска.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира