СДСМ и ДУИ разговарале како да се направи функционална влада и земјата да излезе од уставната криза, вели заменик претседателот на СДСМ Радмила Шеќеринска по денешната средба на работните групи од двете партии.
И двете страни не излегоа со детали од средбата, која, како што кажа Шеќеринска, била прва досега меѓу СДСМ и ДУИ.
„Разговараме со претставниците на ДУИ како да се справи државата по одлуката на претседателот Иванов да не го додели мандатот на втората по големина партија. Разговаравме како да најдеме начин за излез од уставната криза и како да се направи функционална влада. Вечерва ќе има средби и СДСМ внатре во партијата, а и ДУИ. Прво ќе разговараме со коалиционите партнери на СДСМ, па потоа ќе излеземе во јавност со поконкретни детали“, рече Шеќеринска.
Градоначалничката на Тетово Теута Арифи вели дека средбата била конструктивна, но конечната одлука треба да ја донесе централното претседателство на ДУИ.
„Разговаравме со СДСМ за прашањата за интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО, за прашањата за СЈО и за имплементацијата на Охридскиот договор. Средбата беше конструктивна, но, сепак, формална одлука ќе донесе централното претседателство на ДУИ“, изјави Арифи.
Работни групи на СДСМ и ДУИ денеска се сретнаа за да ги почнат преговорите за формирање нова влада. СДСМ беше претставен од членовите на раководството Радмила Шеќеринска, Оливер Спасовски и Рената Дескоска, додека од ДУИ на средбата во еден скопски хотел се градоначалниците Теута Арифи, Изет Меџити и Невзат Бејта.
Преговорите меѓу ДУИ и СДСМ доаѓаат откако во четвртокот претседателот Ѓорге Иванов побара од потенцијалниот мандатар за нова влада да му достави доказ дека има поддршка од 61 пратеник по средбата со лидерите на парламентарните партии.