СДСМ И ДУИ ДО КРАЈОТ НА НЕДЕЛАТА ЌЕ СЕ ДОГОВАРААТ ДАЛИ ЌЕ ИЗЛЕЗАТ СО ЗАЕДНИЧКИ КАНДИДАТ НА ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ ИЗБОРИ

    СДСМ И ДУИ ДО КРАЈОТ НА НЕДЕЛАТА ЌЕ СЕ ДОГОВАРААТ ДАЛИ ЌЕ ИЗЛЕЗАТ СО ЗАЕДНИЧКИ КАНДИДАТ НА ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ ИЗБОРИПремиерот Зоран Заев рече дека не е прифатлив предлогот на Гордана Силјановска Давкова, која е кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, да биде зеднички консензуален кандидат за претседателските избори, бидејќи е надвор од целокупниот концепт за градење едно општество за сите. - Од лидерската средба на СДСМ и ДУИ (Фото: Ѓ. Личовски)

    До крајот на неделата ќе се знае дали СДСМ и ДУИ ќе излезат на претседателските избори со заеднички кандидат, кажа премиерот Зоран Заев по денешната средба со лидерот на ДУИ Али Ахмети во Клубот на пратениците.

    Тој рече дека на средбата не разговарале за конкретни имиња на можен заеднички кандидат, туку дека и двајцата се согласни околу тоа на изборите да излезат со заеднички кандидат, а дека за тоа дополнително треба да одлучат органите и телата на партиите.

    „Сметаме дека ако излеземе со заеднички кандидат ќе ги избегнеме сите шпекулации пред вториот круг од изборите, кој што дал, кој што зел за да се даде поддршка на едни или други“, рече Заев.

    Тој кажа дека втора фаза од разговорите би била околу имињата на можниот кандидат и дека има време и енергија да се најде кандидат зад кој би застанале сите граѓани од сите социјални категории.

    Заев рече дека во СДСМ има и кандидати од високото раководство, и натпартиски кандидати, и дека голем дел се фаворити. Тој рече дека внатре во партијата прават анализи и за довербата и за поддршката што ја даваат граѓаните за оние што се кандидирале, а до партискиот конгрес на 3 март има време и некои сами да се кандидираат, како и други членови на партијата да ги кандидираат.

    „До крајот на неделата ќе се знае бива или не бива да излеземе со заеднички кандидат, а потоа ќе одиме на разгледување на конкретни имиња. Драго ми е што за 10 кандидати веќе има поддршка во јавноста, а мнозинството дава поддршка на повеќе од можни 5 кандидати“, рече Заев.

    Тој кажа дека се чувствуваат како фаворити, а како такво имаат обврска да обезбедат фер и демократски избори. На прашањето дали ќе го прифати предлогот од Гордана Силјановска, која е кандидат за претседател од ВМРО-ДПМНЕ доколку СДСМ се согласи таа да биде консензуалниот кандидат, Заев рече дека тоа е неприфатливо.

    „Таа не поддржа ниту едно нешто од концептот на едно општество за сите, и дека е надвор од концептот на целокупното живеење на народот“, рече Заев.

    Ахмети по денешната средба кажа дека одлучиле за овие прашања прво да се изјаснат органите на партијата, и исто така не сакаше да открива имиња на можни кандидати.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари