СДСМ одлучи дека нема потреба од предвремени парламентарни избори, а одлуката е донесена вечерва на седницата на Извршниот одбор (ИО), соопшти ноќва портпаролот на партијата Костадин Костадинов.
„Република Северна Македонија ја очекуваат кристално чисти, фер и демократски претседателски избори на кои ќе победи СДСМ. Избори на кои ќе изгуби ВМРО-ДПМНЕ. Граѓаните бараат резултати во реформите, во економијата. Одговорна партија не мисли на предвремени парламентарни избори, дури и кога рејтингот и е повисок од оној на опозицијата. Веќе сме во НАТО, и одговорна партија не би го загрозила датумот за отворање преговори со ЕУ, не би ги застанала реформите со предвремени избори“, рече Костадинов.
ВМРО ДПМНЕ бараше предвремени парламентарни избори напролет заедно со претседателските избори.
Костадинов кажа дека ИО го овластил лидерот Зоран Заев да отвори разговори со (вон)парламентарните партии за да дојдат до единствен, заеднички консензуален кандидат за престојните претседателски избори.
Тој рече и дека на овој состанок на се отвори прашањето за промена на името на партијата во делот „на Македонија“ , согласно промената на името на државата во Република Северна Македонија, иако Заев пред почетокот на состанокот рече дека ќе се разговара и за таква можност.
С. К. ДЕЛЕВСКА