СДСМ СО 160 АМАНДМАНИ НА РЕБАЛАНСОТ НА БУЏЕТОТ БАРА ДА СЕ ПРЕДВИДАТ ПАРИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА НА НАСТРАДАНИТЕ ВО ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ

    СДСМ СО 160 АМАНДМАНИ НА РЕБАЛАНСОТ НА БУЏЕТОТ БАРА ДА СЕ ПРЕДВИДАТ ПАРИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА НА НАСТРАДАНИТЕ ВО ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИОд СДСМ рекоа дека Владата крати пари од граѓаните за да има повеќе пари за луксузирање на функционерите. (Фото: СДСМ)

    Во собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска почна расправата за ребалансот на Буџетот за 2025 година, во второ читање, за кој се поднесени над 200 амандмани. Од нив, 160 амандмани се поднесени од пратеничката група на СДСМ.

    Како што кажа на прес-конференција пратеничката Сања Лукаревска, со поднесените амандмани предлагаат да се издвојат пари за семејствата на настраданите во пожарот во Кочани од 16 март, со 62 жртви и 200 повредени. Меѓу нив се одвојување на 934 милиони денари за финансиска поддршка за семејствата на загинатите и повредените во Кочани, 60 милиони денари за реновирање на болницата во Кочани и 20 милиони за нова опрема во болницата во Кочани, зголемување на студентски стипендии и поддршка за студенти од ранливи семејства, бесплатен превоз за ученици во руралните средини.

    Овој ребаланс ја разоткрива вистината дека економијата тоне, граѓаните се оставени сами на себе, а власта продолжува да се луксузира додека ги задолжува идните генерации. Нема пари за соодветно и заслужено покачување на платите на работниците, за поголеми плати во образованието, здравството. Нема пари за повредените и семејствата на настраданите во Кочани. Нема пари за нови мерки за заштита на стандардот на граѓаните, за намалување на цените. Граѓаните се оставени сами на себе. Владата крати пари од граѓаните за да има повеќе пари за луксузирање на функционерите“, рече Лукаревска.

    Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски образложи дека предложените измени и дополнувања на Буџетот се потврда на фискалната политика за неопходноста од консолидација и подобрено управување со јавните финансии.

    Целта е непречено извршување на Буџетот и одржување на идентично ниво на буџетскиот дефицит планиран со иницијалниот буџет. Со ревидираните фискални проекции се врши усогласување на расходите со досегашната реализација и очекувањата, односно се дообезбедуваат средства за исплата на плати, пензии, програмски и проектни активности со едновремено искористувања на средствата од предходните години на посебните сметки“, кажа Јанкуловски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира