СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ И ДУИ ЗДРУЖЕНО ПОДМОЛНО ГО ЗГОЛЕМИЈА ПРАГОТ ЗА НЕЗАВИСНИ КАНДИДАТСКИ ЛИСТИ, ВО ЕУ ЗЕМЈИТЕ ЗА УЧЕСТВО НА ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ СЕ ДОВОЛНИ ДЕСЕТИНА ПОТПИСИ

    СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ И ДУИ ЗДРУЖЕНО ПОДМОЛНО ГО ЗГОЛЕМИЈА ПРАГОТ ЗА НЕЗАВИСНИ КАНДИДАТСКИ ЛИСТИ, ВО ЕУ ЗЕМЈИТЕ ЗА УЧЕСТВО НА ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ СЕ ДОВОЛНИ ДЕСЕТИНА ПОТПИСИНезависните листи практично стануваат минато - од неодамнешен протест на „Неависни за Карпош“ (Фото: СДК.МК)

    Политичките партии на подмолен начин ги спречуваат независните кандидати да учествуваат на сите наредни избори, реагираат осум граѓански организации откако пратениците минатата недела среде ноќ по скратена постапка ги усвоија измените на Изборниот законик. Со измените поднесени од пратениците на ВМРО – ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ и со премолчана поддршка од сите останати, се зголемува прагот на потребните потписи за учество на изборите, од досегашните 1.000 потписи, на 1% отсто од запишаните избирачи. Со тоа на пример во изборната единица 1 наместо досега потребните 1.000 потписи, со усвоените измени на независните ќе им требаат 3.372 потписа за да поднесат независна листа. За независна листа на кандидати за членови на Совет, односно листа на кандидат за градоначалник на Град Скопје, ќе бидат потребни 4.674 потписи.

    За регистрација на политичка партија се потребни само 1.000 потписи.

    На локалните избори 2021 година независни кандидати добија место во дури 33 општини или 41% од сите општини во Македонија и Град Скопје.

    За споредба со нашите одредби кои ги смислија СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, во европските земји потребни се само десетина потписи, а некаде дури и не е потребен ниту еден потпис за учество на независни кандидати на избори. Така, како што наведуваат граѓанските организации во Австрија и Белгија потребни се  од 200-500 потписи, во Велика Британија само 10 потписи, во Финска исто така 10 потписи, а во помалите општини три или пет. Во Германија се собираат 200 потписи, во Данска 150-200, во Ирска 16 потписи за локални избори, а 60 за парламентарни, во Кипар и Малта по 4 потписи, во Грција 12, а во Естонија и Франција нема барања за собирање потписи.

    „Уште еден илустративен пример за дискриминаторската политика кон независните е фактот што за регистрација на политичка партија се потребни 1.000 потписи. Таа одредба не е променета. Начинот на отежнато собирање на потписите преку канцелариите на ДИК е дополнителен проблем за кој независните и досега реагираа. Таа отежнувачка околност останува и со новите измени. Меѓународните норми и препораки велат дека не смее да има порестриктивни барања за независните кандидати од тие за партиите. Кај нас потребата од демократија и плурализам е огромна, како резултат на незадоволството од делувањето на постоечките партии“, велат граѓанските организации.

    Со ваквите законски измени како што велат граѓанските организација политичките партии ја зацврстуваат својата монополска позиција и оневозможуваат влез на независни листи. На ваков начин во Македонија не само што нема простор за т.н. трета опција, туку теренот е скроен да нема никаква алтернативна опција.

    „Како група на независни активисти и членови на совети низ Македонија, бараме веднаш да се отстранат апсурдните услови за собирање потписи на независните кандидати на избори, и да се постави услов од најмногу 50 собрани потписи за независни кандидати, да се дозволи собирање потписи на терен и надвор од канцелариите на ДИК, да се зголеми периодот на собирање потписи на 30 дена, да се дозволи името на советничките независни листи да биде во целост наведено на избирачкото ливче и да се дозволи пристап и на независните до избирачкиот список. Овие измени да се направат веднаш, по скратена постапка, како што минатата недела беа направени измените за блокирање на независните кандидати“, велат во соопштението граѓанските организации.

    Барањето е потпишано од Независни За Карпош – За Заштита На Карпош – Скопје, Зелен Хуман Град – Скопје,Шанса за Центар – Скопје, Подобро за Тетово – Тетово, Поинаку – Битола, Зелените Од Гази Баба – Скопје, СТИГА Е – Струмица, СТИГА Е – Фронт против рудникот и загадувачите на животната средина – Босилово, Ново Село.

    Ваква измена истиот овој парламентарен состав се обиде да спроведе и пред локалните избори во 2021 година со цел отстранување на голем дел од новите независни кандидати, но обидот беше блокиран од голем број на амандмани.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира