Владата на денешната седница ги усвои измените на Законот за нотаријат и на Законот за извршување со кои се намалуваат тарифите на нотарите и на извршителите од 50 до 90 отсто, соопшти министерката за правда Рената Дескоска.
„Главна цел на измените на законите е намалување на трошоците во постапките пред нотарите и извршителите и тоа на најсиромашните граѓани кои не можат да си ги платат сметките за комунални трошоци и кои земаат мали потрошувачки кредити“, рече премиерот Зоран Заев, на денешната заедничка прес-конференција со министерката за правда Рената Дескоска.
Во постапките пред нотарите, граѓаните ќе бидат ослободени од судските такси и од надомест за клаузула за правосилност и извршност, а нотарската награда ќе биде 10 отсто од главниот долг, но не повеќе од 500 денари.
„Ако долгот е илјада денари, надоместокот за нотар ќе биде 100 денари. Ако долгот е 10 илјади денари,надоместокот наместо 1.ооо, ќе биде 500 денари. За сметките за вода, смет и одржување на заедничките простории во висина на 6 илајди денари, нема да биде потребно учество на адвокати, како и за сметки за струја и парно до 15 илјади денари. Со тоа се исклучуваат и адвокатските трошоци за лицата кои имаат неплатено сметки до одреден износ,“ рече Заев.
И во постапката пред извршител, има големо намалување на трошоците.
„На пример, налогот за извршување на трансакциска сметка на физичко лице кое порано чинеше 20 евра, со новата тарифа ќе биде две евра за долгови до 1000 евра и се движи до шест евра за највисоките долгови. Наградите на извршителите исто така се намалени, со тоа што се става ограничување дека при извршување на платни налози за комунални трошоци, наградата не може да биде повеќе од 20 отсто од висината на главниот долг“, кажа Заев.
Министерката за правда Рената Дескоска ја презентираше симулацијата како изгледа споредбата меѓу старата и новата тарифа на извршителите како и симулацијата како новата тарифа ќе се одрази на конкретни постапки за наплата на долгови.
Г. ТРПЕНОСКИ