Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен вели дека има добра порака за пријателите од Западен Балкан во врска со процесот на проширување на Европската унија. Таа вели дека со новиот план за преговарачкиот процес, кој денеска го презентира еврокомесарот Оливер Вархеји, се отвора патот за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија.
„Денеска Европската комисија предлага кредибилен и динамичен план, поплочувајќи го патот за отворање пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија. Проширувањето на ЕУ е вин-вин ситуација“, твитна Фон дер Лајен.
Денеска, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји го презентира извештајот за ревидираната методологија за преговори пред новинарите и пред европратениците. Документот содржи четири столбови: кредибилитет, политичко управување, динамичност и предвидливост односно условеност.