Жените кои ќе се пријават на скринингот за рана детекција на грлото на матката, а немаат матични гинеколози зашто општините каде живеат се соочуваат со недостиг на ваков лекарски кадар, ќе добијат мобилни гинеколошки услуги. Министерството за здравство, од каде вчера ја најавија организираната акција за бесплатни прегледи на жени на возраст од 36 до 45 години, соопшти дека жените ќе можат да се пријават на веб платформата skrining.mk, директно поврзана со системот „Мој термин“, при што матичниот гинеколог веднаш добива информација и ги известува во кој термин е закажан прегледот.
Но, дел од општините со години се соочуваат со недостиг на матични гинеколози. Од Министерството посочуваат дека за да здравствената услуга стигне до секоја жена, во тек е проект за мобилни гинеколошки услуги.
„Направена е соодветна анализа согласно индикатори (број на гинеколози на подрачјето во однос на број на жени во репродуктивен период, регистрирани карциноми на матка во измантите три години и други индикатори), започнато е да се даваат услуги во Пелагонискиот дел на нашата земја, сега започнуваме во Полошкиот дел“, посочуваат од Министерството.
Додаваат дека ангажирни се супспецијалисти од јавни здравствени установи да вршат прегледи во мобилните гинеколошки амбуланти. Тие се отворени во соработака со ОН-УНФПА, СЗО и УНИЦЕФ со цел доближување на гинеколошките здравствени услуги до жените од помалите и потешко достапни места. Во нив се обезбедуваат прегледи со ПАП тест и совети за важноста на редовните гинеколошки прегледи. Со мобилните гинеколошки амбуланти досега беа опфатени жените од Свети Николе, Врапчиште, Градско, Лозово, и Чашка, Чешиново-Облешево.
Жените кои немаат избрано матичен гинеколог, а имаат услови за тоа, се советуваат да изберат на подрачјето каде што живеат токму заради важноста од редовните гинеколошки прегледи.
Оние кои ќе се пријават за скринингот услов е да немаат направено ПАП тест во изминатите три години.
Ракот на грлото на матката, за чие рано откривање ќе се врашат бесплатни прегледи, е четврти најчест тип на рак кај жените во светски рамки, а во нашата земја годишно во просек заболуваат околу 150 жени.
Ж. ЗДРАВКОВСКА