Новинарите, фоторепортерите и снимателите останаа надвор од салата на вчерашното продолжение на конститутивната седница на Собранието, која се одржува по долга пауза од 30 декември лани. Причината е стара, дошле да ја следат седницата неколкумина амбасадори.
Новинарите останаа еден врз друг да ја следат седницата од две телевизорчиња во салата број 3, таканаречен прес – центар на Собранието. Како и досега, и само еден амбасадор да дојде, вратата од новинарската галерија веднаш се затвора за јавноста.
Се гледа само по еден пратеник во кадарот од преносот на Собранискиот канал, се слуша само тоа што го зборува најмногу еден пратеник на микрофон. Друго ништо немаше од атмосферата и од дофрлувањето во главната сала.
Во други случаи, кога имало свечена собраниска седница или кога се расправало за битни прашања за Македонија, а биле поканети или сами покажале заинтересираност да присуствуваат странските дипломати во државава, барем фоторепортерите и камерманите ги пуштаа долу во пленарната сала, пред почетокот на седницата, да направат фотографии и снимки. Овојпат и тоа не беше дозволено.
Иако тие упорно чекаа да ја завршат својата работа, до 18 часот не беа пуштени да снимаат и фотографираат.
Беа потрошени 20, 6 милиони евра народни пари за реконструкција и доградба на Собранието, но сепак проблемот со следење на пленарните седници кога присуствуваат амбасадорите, не се реши. Кога се амбасадорите внатре, јавноста останува надвор.
Тоа што вчера дојдоа само 4-5 амбасадори, кај дел од собраниската служба беше сфатено како форма на притисок, мотивација на пратениците да изгласаат претседател на Собранието, за да почне тоа конечно да функционира.
„Изненадени сме и ние, немаше најавено присуство на амбасадори до последен момент. Ова е форма на притисок, не се бадијала дојдени да ја следат седницата. Ви се извинуваме”, ни беше кажано од вработени во службите на Собранието.
Продолжението на конститутивната седница, на која беа пријавени сите присутни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ за дискусија, а потоа и за бескрајни реплики – дополнувања и изразување согласност и пофални зборови за дискусијата на првиот од долгата редица дискутанти, Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, е закажано за денеска напладне.
С. К. ДЕЛЕВСКА