СЕ ПРАВАТ РОТАЦИИ И ДЕЖУРСТВА НА КЛИНИКИТЕ ЗА ДА ТЕЧАТ РЕДОВНИТЕ ПРЕГЛЕДИ И ИНТЕРВЕНЦИИ, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО

    СЕ ПРАВАТ РОТАЦИИ И ДЕЖУРСТВА НА КЛИНИКИТЕ ЗА ДА ТЕЧАТ РЕДОВНИТЕ ПРЕГЛЕДИ И ИНТЕРВЕНЦИИ, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВОНаправен е системот на ротација на лекари и медицински персонал, како и распоред за дежурства за да се покријат и тековните интервенции и амбулантни прегледи со пациентите кои имаат потреба од здравствена нега на некоја од Клиниките. (Фото: К. Попов)

    Околу 180 специјализанти од внатрешноста и Скопје се враќаат во матичните Клиники, со што ќе се направи реорганизација на работата и ротации на персоналот. Oбезбедени се 150 болнички легла, сите интерни клиники во склоп на Клинички центар се подготвени да примаат ковид пациенти и нема да запрат со интервенциите на дневна основа, се дел од заклучоците по состанокот на министерот за здравство Венко Филипче со директорите на Клиниките.

    „Згрижувањето на ковид пациенти ќе биде под посебни протоколи, направена е поделба на црвени и зелени зони, односно одделени се деловите каде ќе се хоспитализираат ковид пациенти од деловите за пациентите кои ќе имаат потреба од редовни прегледи или интервенции“, велат од Министерството за здравство.

    Откако се наполнија Инфективната клиника, монтажната болница и Детската клиника Козле, пациенти веќе има и Институтот за белодробни заболувања, а на располагање се ставаат и останатите интерни клиники.

    „Клинички центар е во мобилизација и никој нема да остане без здравствена нега. Освен болнички кревети, кадарот е спремен да работи со ковид пациенти, веќе е направен системот на ротација на лекари и медицински пероснал, како и распоред за дежурства за да се покријат и тековните интервенции и амбулантни прегледи со пациентите кои имаат потреба од здравствена нега на некоја од Клиниките“, велат од кабинетот на Филипче.

    Според вчерашните податоци, на Инфективната клиника вкупно се хоспитализирани 160 пациенти. На кислородна поддршка се 130 пациенти, нема пациенти на механичка вентилација. Во болницата во Козле хоспитализирани се 11 позитивни и 2 суспектни деца на ковид-19 и 23 возрасни пациенти, позитивни на вирусот. Во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ вкупно хоспитализирани се 79 пациенти. На респиратор се 3 пациенти. Во Институтот за ТБЦ се хоспитализирани 23 пациенти, позитивни и суспектни на ковид-19.

    Во болницата во Битола се хоспитализирани 66, а во болницата во Штип се 53 пациенти. На Инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица, Струга, Кочани, Гевгелија, Дебар, Кичево, Кавадарци се хоспитализирани 376 позитивни и сомнителни на ковид-19.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира