Министерството за здравство со Светската здравствена организација (СЗО) подготвува стратегија за вакцинација, која ќе содржи конкретни чекори и што може да се преземе законски за оние што шират дезинформации и лажни вести, најави денеска министерот за здравство Арбен Таравари.
Министерот, кој е и невролог по професија, се вакцинираше против сезонски грип во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), каде се одвива вакцинацијата само за здравствени работници.
На новинарско прашање што ќе се преземе со антиваксерството, особено кај докторите кои им велат на родителите да се почека со одредена вакцина, Таравари рече дека, за жал, антиваксерството не само во Македонија туку во регионот, како и во светот зема сè поголем замав.
„Ние со Светската здравствена организација подготвуваме стратегија за вакцинација во Македонија. Се надевам дека во ноември или во декември ќе го промовираме тоа. Тогаш ќе кажеме конкретни чекори. Засега не можам да кажам нешто конкретно, бидејќи не знам кои се нашите можности како Министерство за здравство. Би сакал да ја видам стратегијата комплетно и преку тоа да предвидиме одредени мерки, доколку можеме да преземеме такви“, рече Таравари, додавајќи оти антиваксерството е глобален проблем.
Б. НЕСТОРОСКА