СЕ СРАМАМ ШТО СУМ ПРЕМИЕР НА ЗЕМЈА СО ВАКВИ ЗАТВОРИ, КАЖА ЗАЕВ ПО УВИДОТ ВО ИДРИЗОВО

    СЕ СРАМАМ ШТО СУМ ПРЕМИЕР НА ЗЕМЈА СО ВАКВИ ЗАТВОРИ, КАЖА ЗАЕВ ПО УВИДОТ ВО ИДРИЗОВОЗаев рече дека некои делови од затворот мора да се урнат бидејќи не е возможно тие да се реновираат. - Заев по излегување од КПД „Идризово“ (Фото. Ѓ. Личовски)

    Премиерот Зоран Заев денеска влезе во затворот „Идризово“ во кој што во моментов има над илјада затвореници над дозволениот капацитет од 800 лица.

    „Се срамам што сум премиер на земја во која има затвори со нехумани и супстандардни услови под секое човечко достоинство. Преку владината камера која влезе и сними внатре сѐ, ќе се обидеме преку вас медиумите да ја поттикнеме дебатата во општеството овие услови под итно да се подобрат“, рече Заев откако излезе од вратите на најголемиот затвор во Македонија.

    Како една од опциите, но само за растоварување на пренатрупаноста на објектите во „Издризово“, Заев рече дека е веќе почната дебата внатре во институциите за амнестија на дел од осудениците преку модел на укинување на 30% од вкупната казна, но и преку други модели за кривичните дела каде што тоа е дозволено, што значи, кажа тој, не за тешки облици на криминал, педофилија и за злосторства против човештвото.

    Заев рече дека некои делови од затворот мора да се урнат бидејќи не е возможно тие да се реновираат. На прашање што е со кредитот од 46 милиони евра, земен пред 7-8 години од Европската ивестициска банка за изградба на нов затвор во Идризово и каде се парите од кредитот, Заев не одговори, туку ѝ препушти збор на проектантот на новиот затвор што требаше да се гради. Таа рече дека реновирањето почнало дури во 2014 година и според неа, само неколку проценти од сите објекти се почнати или довршени, а најголемиот дел од руинираниот затвор сѐ уште не е чепнат.

    Народниот правобранител Иџет Мемети, кој беше во придружба на Заев, ги ислуша сите впечатоци на премиерот кои тој досега ги кажал во десетици извештаи, јавни настапи, прес-конференции, но попусто. Иџет Мемети повторно предупреди на немањето ресоцијализација во овие нехумани услови во Идризово што продуцира враќање во криминал, а со тоа и во Идризово на стотици осуденици кои излегле од овој затвор.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира