СЕ УКИНУВА ПРОГРЕСИВНИОТ ПЕРСОНАЛЕН ДАНОК ШТО ТРЕБАШЕ ДА СЕ ВРАТИ ВО 2023 И НЕМА ДА СЕ ОДАНОЧУВААТ КАМАТИТЕ НА ШТЕДНИТЕ ВЛОГОВИ

    СЕ УКИНУВА ПРОГРЕСИВНИОТ ПЕРСОНАЛЕН ДАНОК ШТО ТРЕБАШЕ ДА СЕ ВРАТИ ВО 2023 И НЕМА ДА СЕ ОДАНОЧУВААТ КАМАТИТЕ НА ШТЕДНИТЕ ВЛОГОВИЗа хонорарците, Ковачевски кажа дека доколку сакаат, на доброволна основа, ќе можат самостојно да ги регулираат придонесите за пензиско и здравствено осигурување. (Фото: СДК.МК)

    Од следната година нема да се применува прогресивно оданочување како што беше планирано, односно концептот на прогресивно оданочување се укинува и продолжува примената на оданочување на остварениот доход со единствена стапка од 10 отсто, кажа денеска премиерот Димитар Ковачевски, на прес-конференција за Стратегијата за реформа на даночниот систем (2021-2025). Прогресивниот данок на личен доход се применуваше од 1 јануари до ноември 2019, кога Владата го стави во мирување на 36 месеци и требаше да се врати во јануари 2023.

    Тој кажа дека нема да има зголемување ниту на другите даноци, како ДДВ и данокот на добивка, и нема да се воведе данок на каматите од депозити и штедни влогови. За хонорарците, тој кажа дека доколку сакаат, на доброволна основа, односно по сопствена волја, ќе можат самостојно да ги регулираат придонесите за пензиско и здравствено осигурување.

    „Имајќи ја во предвид природата на нивната работа каде нема постојана динамика на ангажмани и заработка, она што се предлага е креирање на дигитална платформа на која хонорарците ќе можат да се регистрираат и да изберат од неколкуте опции со кои би имале здравствено и пензиско осигурување, повторувам на доброволна основа“, кажа Ковачевски за нив.

    Премиерот додаде дека ова решение би се имплементирало преку посебен закон за социјално осигурување на доброволна основа, кој би се применувал од 01.01.2024 година и тоа по развој и имплементација на платформата за регистрирање на т.н. фриленсери.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира