СЕ УКИНУВААТ СУДСКИТЕ ТРОШОЦИ ЗА ГРАЃАНИТЕ КОИ ЌЕ БАРААТ ЗАШТИТА ОД ДИСКРИМИНАЦИЈА

    СЕ УКИНУВААТ СУДСКИТЕ ТРОШОЦИ ЗА ГРАЃАНИТЕ КОИ ЌЕ БАРААТ ЗАШТИТА ОД ДИСКРИМИНАЦИЈА„Со законските измени зголемени се и казните за лицата за кои ќе се докаже дека сториле дискриминација“, кажа министерката за труд и социјална политика Мила Царовска. (Фото: МТСП)

    Граѓаните кои ќе поведат судска постапка за заштита од дискриминација ќе бидат ослободени од судски трошоци, предвидуваат измените и дополнувањата на Законот за спречување и заштита од дискриминација. Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска рече дека со законските измени се зголемува и износот на прекршочните одредби за правни и физички лица за кои ќе се докаже дека сториле дискриминација.

    Таа кажа дека во новиот текст на Законот за првпат сексуалната ориентација и родовиот идентитет се воведуваат како основи за дискриминација.

    „Во поимникот се вметнуваат нови термини, меѓу кои ’лице со попреченост‘, ’соодветно приспособување‘ и ’пристапност до инфраструктурата, добрата и услугите‘. Се додава нов облик на дискриминација, а тоа е сегрегацијата“, вели Царовска.

    Комисијата за заштита од дискриминација со законските измени се преименува во Комисија за спречување и заштита од дискриминација, а се прошируваат и нејзините ингеренции за да може да презема мерки за превенција од дискриминација.

    „Предвидени се јасни критериуми за избор на членови на Комисијата, а истите добиваат статус на функционери, за да се професионализира Комисијата. Членовите на комисијата треба да имаат најмалку седум години работно искуство, од кои пет години во областа на еднаквост и недискриминација. Воведуваме и неспоивост на партиска функција со работа во Комисијата, за да бидеме сигурни дека таа ќе работи професионално“, рече Царовска.

    Таа кажа дека новото законско решение е целосно усогласено со правото на ЕУ и меѓународните стандарди. Измените и дополнувањата поминаа на Влада, а за нив има и позитивно мислење од Венециската комисија.

    „Со законските измени треба да се обезбеди принцип на еднаквост во заштитата од дискриминација и во остварување на човековите права и слободи. На овој начин се доближуваме до меѓународните стандарди, усвоени од Обединетите нации и Европската унија, а нашите граѓани добиваат соодветна правна заштита и општество кое ги негува различностите и овозможува услови за развој за сите. Остануваме посветени на зајакнување на владеењето на правото и унапредување на квалитетот на животот за сите, а преговорите за членство во ЕУ ќе ни дадат дополнителна енергија и поддршка за тие реформи“, подвлече Царовска.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира