Поранешниот полициски генерал Стојанче Ангелов се враќа во Министерството за внатрешни работи, како што објави тој на Фејсбук, на предлог на премиерот Зоран Заев и министерот Оливер Спасовски. Ангелов, кој има 16-годишен стаж во МВР, од кои што седум во Единицата за специјални задачи „Тигар“, вели дека во МВР се враќа и неговата сопруга Јасминка Ангелова.
„По долго размислување, во согласност со препораката на раководството на “Достоинство“, откако го известив врвот на коалицијата “ВМРО за Македонија“, одлучив да го прифатам предлогот на премиерот Зоран Заев и министерот Оливер Спасовски да се вратам назад во МВР. Заедно со мене назад во МВР се враќа и мојата сопруга Јасминка Ангелова која таму работеше повеќе од 14 години, сѐ до март 2015 година, кога поради нечовечен однос кон неа, самата одлучи да си даде отказ и го напушти МВР“, соопшти Ангелов на ФБ.