СЕАД КОЧАН НОЌЕСКА БИЛ ПРИМЕН КАКО ИТЕН СЛУЧАЈ НА ДРЖАВНИТЕ КЛИНИКИ ВО СКОПЈЕ

    СЕАД КОЧАН НОЌЕСКА БИЛ ПРИМЕН КАКО ИТЕН СЛУЧАЈ НА ДРЖАВНИТЕ КЛИНИКИ ВО СКОПЈЕКочан на 1 март дојде на распит за случајот „Труст“ во Основниот суд Скопје 1, придружуван од адвокатот Никола Додевски, кој го застапува и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во случаите на СЈО. (Фото: СДК.МК)

    Сеад Кочан, избеганиот бизнисмен што полицијата до петокот го бараше со потерница затоа што е осомничен во еден од случаите на Специјалното јавно обвинителство,  ноќеска бил примен како итен случај во една од клиниките на Клиничкиот центар Мајка Тереза во Скопје, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Изворите, кои сакаат да останат анонимни затоа што не се овластени да даваат изјави за јавност, не сакаа да потврдат дали пациентот бил задржан на болничко лекување. Поради специфичноста на случајот официјални изјави нема, но Кочан, кој сега има брада, вчера во доцните попладневни часови беше забележан во Клиничкиот центар. На клиниката каде што се пријавил како итен случај дошол само во придружба на сопругата.

    Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски со уште четворица врховни судии од Кривичниот совет во петокот донел одлука да му се укине притворот на осомничениот Кочан. Тој два месеца и шест дена беше во бекство и недостапен на истрагата што ја поведе против него Специјалното јавно обвинителство, но неговата одбрана тврди дека тој не требало да се води како избеган, туку дека е бизнисмен на службен пат.

    Кочан е сопственик на „Трансмет“ и првоосомничен во случајот „Труст“ на СЈО дека со фалсификувана документација, заедно со фирмите „Силекс Неметали“ и „Вато“ добиле тендер од државната компанија ЕЛЕМ, вреден 17 милиони евра.

    Истрагата на СЈО потекнува од најмалку два разговора од бомбите, каде се договара и мести лицето Сеат Ибица (Сеад Кочан н.з.) да добие милионски тендер што треба да го плати државната компанија ЕЛЕМ, што е уште потешко кривично дело, од највисоките претставници на власта и од раководството на ЕЛЕМ, за кои се слуша јасно дека го договараат тендерот.

    Основниот суд Скопје 1 на 9 март ја уважи жалбата на Специјалното јавно обвинителство и одреди мерка притвор и нареди стражарно приведување за бизнисменот Кочан. Судија на претходна постапка првично го одби барањето на СЈО, кое поднесе барање до Судот за притвор за Кочан, со образложение дека постои опасност осомничениот да ги уништи доказите или да креира фалсификати во тендерската документација, која СЈО ја посочи како доказ.

    На 17 април, Апелациониот суд ја потврди одлуката на Основниот суд Скопје 1 и побара екстрадиција и спроведување во затворот во Шутка на Кочан.

    Основниот суд Скопје 1 на 11 мај, на барање на Специјалното јавно обвинителство, го замрзна имотот на компанијата „Трансмет“ на Кочан и три сметки на истата компанија. СЈО рече дека не е замрзнатата сметката на неговата телевизија „ТВ Нова“. Од СЈО велат и дека не се замрзнати сметки на физички лица.

    Претседателот на Основниот суд Скопје 1 Стојанче Рибарев треба да ја изврши одлуката на Врховниот суд за укинување на притворот. Тие треба денеска да се појават со официјален текст пред јавноста со кој треба Кочан да го вратат од службен пат.

    СЈО потврди дека не добило никакво решение од Врховниот суд во врска со предметот за Кочан. И таму го чекаат Кривичниот суд денеска да им испрати решение и да знаат каква е одлуката на Врховниот суд.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира