Собранието се санира од штетите направени за време на нападот од 27 април и седница нема да има додека не се исчисти парламентарната зграда, што може да потрае до петок, велат извори од Собранието.
Претседателот на Собранието Талат Џафери дојде утринава на работа, откако вчера ја имаше првата официјална средба на оваа функција, со заменик-помошникот државен секретар за Европа и за Евроазија во Стејт департментот Хојт Ји, по која најави дека уште од денеска ќе се обиде да се стави во функција на нормално работење на Собранието.
Пратеникот Трајко Вељаноски, кој беше претседавач на конститутивната седница, во саботата кажа дека Талат Џафери е избран на нелегитимен начин и најави дека ќе закаже седница кога ќе се поправи опремата. На работа дојде и техничкиот премиер Емил Димитриев, кој истовремено е и пратеник.
Прес центарот во Собранието, кадешто беа натепани пратеници на парламентарното мнозинство, е запечатен, бидејќи сè уште трае увидот.