СЕДУМ ПОЛИЦАЈЦИ И ДВЕ ЖЕНИ СЕ ПРИМЕНИ ВО УРГЕНТНИОТ ЦЕНТАР СО ПОЛЕСНИ ПОВРЕДИ ПО ДЕМОНСТРАЦИИТЕ ПРЕД СОБРАНИЕТО

    СЕДУМ ПОЛИЦАЈЦИ И ДВЕ ЖЕНИ СЕ ПРИМЕНИ ВО УРГЕНТНИОТ ЦЕНТАР СО ПОЛЕСНИ ПОВРЕДИ ПО ДЕМОНСТРАЦИИТЕ ПРЕД СОБРАНИЕТОДемонстрациите се поради договорот со Грција за конечно решавање на спорот за името, а меѓу организаторите кои пробаа да го пробијат полицискиот кордон беше лидерот на проруската анти-НАТО партија Единствена Македонија Јанко Бачев (Фото: принтскрин)

    Во Ургентниот центар на Скопските клиники вечерва се донесени девет повредени од демонстрациите пред Собранието, изјавија од Ургентниот центар. Демонстрациите се поради договорот со Грција за конечно решавање на спорот за името, кој денеска во Преспа го потпишаа министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција Никола Димитров и Никос Коѕијас во присуство на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас.

    Меѓу повредените има и полицајци и цивили, а како што велат од Ургентниот центар станува збор за полесни повреди и немаат пациент во животозагрозувачка состојба.

    Д-р Алберт Леши, раководител на Ургентниот центар при Клиниката за трауматологија, ортопедија, анестезија, реанимација и ургентен центар, вели дека вечерва се донесени седум полицајци со лесни телесни повреди и двајца цивили, кои исто така се со полесни повреди. Тој рече дека полицајците имаат повреди од типот на исеченици или повреден скочен зглоб, а цивилите, кои се жени, се со рани од експлозивни направи.

    „Цивилите исто така се со полесни повреди, односно не се во животозагрозувачка состојба. Едната пациентка е со рани на двете потколеници, а другата со рана на десниот дел од задникот. Во моментов се чекаат резултатите од снимањата да се види да не имаат и други повреди. Доколку нема други повреди, ќе бидат препратени на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, каде ќе им бидат санирани раните“, вели д-р Леши.

    Полицајците и цивилите добиле повреди по нередите што настанаа откако околу 21 часот, кога дел од демонстрантите почнаа да фрлаат со камења против полицијата што го чува Собранието, а потоа се обидоа и насилно да ја турнат заштитната ограда и да се упатат кон Собранието.

    Полицијата интервенирираше со околу десетина шок бомби и солзавец за да ги растури демонстрантите.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира