СЕДУМ ПОЗИТИВНИ НА КОВИД-19 ОД 113 ТЕСТИРАЊА

    СЕДУМ ПОЗИТИВНИ НА КОВИД-19 ОД 113 ТЕСТИРАЊАВкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 1.518, бројката на оздравени пациенти е 992, на починати е 85, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 441. (Фото: К. Попов)

    Во изминатите 24 часа се направени 113 тестирања, а потврдени се 7 нови случаи на КОВИД-19 и тоа во: Скопје-1, Прилеп-1, Тетово-4 и Кратово-1, објави на Фејсбук министерот за здравство Венко Филипче.

    На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина еден пациент од Скопје на 65-годишна возраст, хоспитализиран на клиниката од 27 април. Филипче претпладнево објави дека починатиот пациент е ТВ-водителот, композитор и пејач Драган Вучиќ.

    „Утрово на Инфективната клиника од коронавирусот почина нашиот познат музичар, композитор и ТВ-водител Драган Вучиќ. Тој беше хоспитализиран пред осум дена откако состојбата му се влошила и од тогаш е лекуван на Оделението за интензивна нега. И покрај сите напори на лекарите и целиот стручен тим, Вучиќ со многу тежок наод на белите дробови, за жал, му подлегнал на вирусот. Упатувам искрено сочуство до семејството и блиските“, објави министерот.

    Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 1.518, бројката на оздравени пациенти е 992, на починати е 85, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 441. Досега се направени вкупно 17.359 тестирања на КОВИД-19.

    Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 47 оздравени пациенти, и тоа во следниве градови:
    – Скопје 9
    – Куманово 9
    – Прилеп 8
    – Тетово 13
    – Охрид 1
    – Гостивар 5
    – Кочани 1
    – Крива Паланка 1

    Во изминатото деноноќие на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби примени се 2 нови пациенти, а вкупно хоспитализирани 41. На кислородна поддршка е 21 пациент, а на механичка вентилација 1.

    Во ГОБ „8 септември“ примени се 3 нови пациенти, а вкупно хоспитализирани 24. На респираторна машина се 5 пациенти, а уште 3 се со потешка клиничка слика.

    Во болницата во Битола се лекуваат 4 пациенти, а на домашно лекување се следат уште 2 пациенти.

    Во болницата во Штип се хоспитализирани вкупно 4, а уште 4 се следат на домашно лекување.

    На инфективните одделенија во Прилеп, Велес, Куманово, Гостивар и Тетово се хоспитализирани 46 позитивни и суспектни на ковид-19.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира