СЕКОГАШ КОГА ЌЕ МИ СЕ ОБРАТИТЕ СО ПРАТЕНИК, ЈАС ЌЕ ГО ИСКОРИСТАМ ПРАВОТО ДА ЗБОРУВАМ НА АЛБАНСКИ, МУ ОДГОВОРИ ЏАФЕРИ НА МИЛОШОСКИ

    СЕКОГАШ КОГА ЌЕ МИ СЕ ОБРАТИТЕ СО ПРАТЕНИК, ЈАС ЌЕ ГО ИСКОРИСТАМ ПРАВОТО ДА ЗБОРУВАМ НА АЛБАНСКИ, МУ ОДГОВОРИ ЏАФЕРИ НА МИЛОШОСКИПратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ од денеска седи на левата, опозициска сала во пленарната сала на Собранието. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, чија пратеничка група на чело со лидерот Никола Груевски од денеска се на левата, опозициска страна во пленарната сала на Собранието, му се обрати на спикерот Талат Џафери на штотуку почнатата седница за избор на нова влада со: „Пратенику Џафери”.

    „Ние ќе ве почитуваме само како пратеник бидејќи на тоа место седнавте кршејќи го законот, Уставот и собранискиот деловник”, рече Милошоски, и притоа го искара Џафери дека на почетокот кусо се обрати на албански јазик.
    Џафери му врати: „Секогаш кога ќе ми се обратите со пратеник, јас од ова место ќе зборувам на албански јазик. Ќе го користам тоа право како пратеник”, рече Талат на македонски и потоа пак сврте на албански, гледајќи го во очи Милошоски.

    Џафери ја отвори собраниската седница за избор на нова Влада. Кратко се обрати на албански јазик, но, продолжи на македонски:
    „Согласно договорот за коалицирање, продолжувам да ги водам седниците отсега натаму на македонски јазик. Сè до исполнување на договорот за законот за јазиците меѓу парламентарното мнозинство“, кажа Џафери.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира