СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА Е ИЗВОЗНИК НА БЕЗБЕДНОСТ, А ШЕКЕРИНСКА Е МОЈ ЛИЧЕН И СТРАТЕШКИ ИЗБОР, КАЖА РУТЕ ПРЕД ПРАТЕНИЦИТЕ

    СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА Е ИЗВОЗНИК НА БЕЗБЕДНОСТ, А ШЕКЕРИНСКА Е МОЈ ЛИЧЕН И СТРАТЕШКИ ИЗБОР, КАЖА РУТЕ ПРЕД ПРАТЕНИЦИТЕРуте рече дека Северна Македонија не е сама во соочувањето со глобалните предизвици и дека сојузниците секогаш стојат зад нејзината стабилност, како што е примерот со воздушните патроли од Грција и Италија. (Фото: СДК.МК)

    Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, вo денешното обраќање пред пратениците, државниот врв и дипломатскиот кор во Собранието изјави дека земјата повеќе не е само корисник, туку активен извозник на безбедност преку учеството во мисиите на Алијансата. Тој рече дека Северна Македонија не е сама во соочувањето со глобалните предизвици и дека сојузниците секогаш стојат зад нејзината стабилност, како што е примерот со воздушните патроли од Грција и Италија.

    Руте укажа на сложената меѓународна ситуација, наведувајќи дека Русија, заедно со своите партнери Кина, Северна Кореја и Иран, постојано го притиска безбедниот свет. Според него, Иран е извозник на хаос и меѓународната заедница мора да биде внимателна за оваа држава да не поседува нуклеарно оружје. Тој додаде дека безбедноста на Украина е директно поврзана со европската безбедност, а стабилноста на Западен Балкан останува клучна одговорност на НАТО.

    Во говорот, генералниот секретар посебно се осврна на именувањето на Радмила Шекеринска за негова заменичка. Тој кажа дека одлуката да ја постави на оваа функција била негова лична и стратешка, потпирајќи се на нејзината експертиза и искуство кои се од големо значење за Алијансата. Руте изрази гордост за овој избор, додавајќи дека знаењето на Шекеринска е драгоцено при решавањето на безбедносните прашања во регионот и пошироко.

    Во однос на внатрешните прашања, Руте побара поддршка од пратениците за континуирано инвестирање во одбраната, што го оцени како неопходен чекор за зачувување на демократијата. За време на говорот, пратениците од Левица изразија незадоволство преку транспарент, што генералниот секретар го проследи без прекин на обраќањето, нарекувајќи го таквото однесување демократско.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира