ШАР ПЛАНИНА ПРЕД ПРОГЛАСУВАЊЕ ЗА НАЦИОНАЛЕН ПАРК, ВЛАДАТА ГО УСВОИ ПРЕДЛОГ ЗАКОНОТ

    ШАР ПЛАНИНА ПРЕД ПРОГЛАСУВАЊЕ ЗА НАЦИОНАЛЕН ПАРК, ВЛАДАТА ГО УСВОИ ПРЕДЛОГ ЗАКОНОТШар Планина ќе стане еден од најголемите национални паркови во Европа. - Министерот Насер Нуредини (Фото: Влада)

    Владата на денешната седница го утврди текстот на Предлог законот за прогласување на дел од Шар Планина за Национален парк, подготвен од Министерството за животна средина и просторно планирање. До прогласување на дел од Шар Планина за Национален парк останува уште само еден чекор – гласање во Собранието.

    Како што соопштија од Владата, основна цел на ова законско решение е прогласување на дел од Шар Планина за заштитено подрачје од втора категорија – Национален парк, заради обезбедување заштита на исклучителните природни убавини и вредности, разновидноста и богатството на биодиверзитетот, геодиверзитетот, хидролошките карактеристики, пејзажните, пределните и други вредности, како добра од јавен интерес.

    „Со прогласувањето на овие подрачја покрај тоа што ќе ги исполниме националните стратешки цели и меѓународните обврски за заштита на природата, односно пределската разновидност и биодиверзитетот, исто така ќе има бенефит државата, а посебно општините кои ќе опфаќаат делови од заштитеното подрачје и локалното население. Со финализирањето на овој процес ќе се зголемат можностите за преку гранична соработка со соседните земји, посебно од аспект на фактот дека Шар Планина ќе стане еден од најголемите национални паркови во Европа. Истовремено, заштитата на овие подрачја значи и напредок во исполнувањето на обврските од ЕУ директивите за живеалишта и птици“, изјави министерот за животна средина Насер Нуредини во мај минатата година, кога Владата ја прифати неговата иницијатива за заштита на ова подрачје.

    Соодветното управување со заштитените подрачја, како што кажа тогаш министерот, значи искористување на огромниот потенцијал за развој на локалната економија, односно одржливо управување со природните ресурси, преку обезбедување еко-системски услуги. Тоа подразбира заштита, додаде тој, зачувување и одржливо користење на природните вредности, заживување на селата во и околу заштитеното подрачје преку развој на екотуризмот, традиционалното земјоделие и овчарството.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира