Активистите на Шарената револуција вечерва пред просториите на Специјалното јавно обвинителство со исцртување на римскиот број еден составен од луѓе и факели го испишаа последниот број од крајниот рок кој го дадоа за исполнување на нивните барања. Граѓаните наредени во три реда синхронизирано ги запалија факели и запеаја „Шутка не ти бега Никола“.
Демонстрантите бараат до 18 јуни, Уставниот суд да ја разгледа и одлучи за Иницијативата за уставноста на Специјалното обвинителство, актуелната влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да поднесе оставка и да се формира преодна Влада која ќе ги примени реформските приоритети од извештајот на Прибе и ќе организира фер и демократски избори. Дел од барањата се и формирање на специјално одделение во Кривичниот суд, надлежно за случаите под јурисдикција на СЈО, задолжително вклучување и присуство на независни претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата, процесот на решавање на кризата да се одвива на територија на Република Македонија и оставка од претседателот Иванов.
Шарената револуција најави протест за понеделник, 20 јуни и повика на масовно учество.