По повлекувањето на аболицијата за сите 56 лица кои претседателот Иванов ги помилува на 12 април, Шарената револуција вечерва побара оставка на актуелната влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и формирање преодна влада. Таа ги испорача своите барања за кои на власта и даде рок до 18 јуни и најави блокади на клучните раскрсници во Скопје од среда.
Во прогласот објавен на официјалната Фејсбук страница на Шарената револуција и се порачува на власта барањата да ги сфати многу сериозно и итно да ги исполни за оваа криза да не се продлабочи уште повеќе.
Планот сега содржи два итни чекори кои мора да се исполнат многу брзо:
1. Уставниот суд да се произнесе за уставноста на Специјалното обвинителство.
2. Да запре прогонот врз демонстрантите.
Покрај овие барања за кои демонстрантите испорачуваат рок до 18 јуни, тие бараат и
– оставка на актуелната влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и формирање преодна влада.
– формирање специјално одделение во Кривичниот суд за предметите на СЈО
– вклучување на граѓанските организации во преговорите
– оставка на Ѓорге Иванов од функцијата претседател на Република Македонија
Тие најавија радикализација на протестите со блокади на раскрсниците во Скопје од среда 8 јуни затоа што велат дека така ќе покажат како всушност изгледа животот во блокирана држава со блокиран пристап до правда, блокирани и партизирани институции.
„Блокада на системот е нужна за да ги спречиме и понатаму да ја блокираат правдата! Бараме разбирање и поддршка од сите наши сограѓани, бидејќи ова го правиме за подобра иднина за сите нас“, се вели во прогласот на Шарената револуција.