ШКОЛИТЕ ЗАСЕГА ОСТАНУВААТ ОТВОРЕНИ, ВЕЛИ ЦАРОВСКА

    ШКОЛИТЕ ЗАСЕГА ОСТАНУВААТ ОТВОРЕНИ, ВЕЛИ ЦАРОВСКА„Се почитуваат правилата и можеме да констатираме дека училиштата не се трансмитери на вирусот. Имаме помалку од еден процент заразени ученици и наставници во училиштата“, вели Царовска. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Министерката за образование и наука Мила Царовска вели дека училиштата остануваат отворени за учениците од прво до трето одделение и за оние ученици од погорните одделенија каде има можност да се следи настава во училница.

    Во интервјуто за државната агенција МИА, на прашањето за училиштата и констатацијата дека секојдневно високо расте бројката на новозаболени од ковид-19, Царовска вели дека за секоја промена јавноста навремено ќе биде известена.

    „Ценам дека сите мерки кои ги спроведовме се добри и го дадоа очекуваниот ефект. Се почитуваат правилата и можеме да констатираме дека училиштата не се трансмитери на вирусот. Имаме помалку од еден процент заразени ученици и наставници во училиштата. Така што, сега засега тие остануваат отворени. Бидете сигурни дека секоја одлука, како и досега, ќе се носи по препорака на Комисијата за заштита од заразни болести, бидејќи тоа експертско и стручно тело најдобро знае како треба сите ние да постапуваме во секоја прилика, согласно со развојот на епидемиолошката слика и трендовите во глобални размери по однос на ова прашање“, вели Царовска.

    За оценувањето на учениците и колку на далечина тоа ќе биде објективно, министерката додава дека има опција да се организира проверка и со физичко присуство под строги протоколи.

    Царовска вели и дека Министерството за образование и наука (МОН) преку блок-дотациите има обезбедено пари да се плати прекувремената работа на наставниците кои, како што наложуваат здравствените протоколи за најмногу 20 деца во училница, работат одделно со две групи од исто одделение.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира