ШТИПЈАНИ ГО КАЗНИЈА ВМРО-ДПМНЕ, КАЖА ЗАЕВ ЗА ИЗБОРИТЕ ВО ШТИП КОИ ВМРО-ДПМНЕ ГИ БОЈКОТИРАШЕ

    ШТИПЈАНИ ГО КАЗНИЈА ВМРО-ДПМНЕ, КАЖА ЗАЕВ ЗА ИЗБОРИТЕ ВО ШТИП КОИ ВМРО-ДПМНЕ ГИ БОЈКОТИРАШЕНовиот градоначалник на Штип Сашко Николов со Љупчо Николовски, Зоран Заев и Благој Бочварски. (Фото: Фејсбук/МИА)

    Премиерот Зоран Заев вечерва прогласи победа на вонредните избори за градоначалник на Општина Штип на кандидатот на СДСМ Сашко Николов и кажа дека граѓаните го казниле неодговорното однесување на раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Најголемата опозициска партија ги бојкотираше овие избори и немаше кандидат.

    „Денеска граѓаните на Штип испратија порака до бојкотирачот, блокирачот, кој повторно избега од својот народ. Граѓаните го казнија неодговорното однесување на раководството на ВМРО-ДПМНЕ кон Штип. Кажаа да за напредокот на Штип, не за блокадите, не за бојкотот, не за лаги, стравови и хистерии. Му честитам на Сашко Николов за победата“, кажа Заев на прес-конференција во Штип.

    На истата прес-конференција, Николов рече дека и покрај сите опструкции за време на предизборниот молк, штипјани покажале општествена одговорност и избрале нов градоначалник.

    „Повторно Штип и штипјани покажаа демократија и општествена одговорност и покажаа дека Штип ќе продолжи по патот на Европа. Денеска, ние граѓаните на нашата прекрасна општина Штип демонстриравме одговорност и демонстриравме европска политика. И покрај сите опструкции кои ги имавме во предизборниот молк, нашите сограѓани рака за рака си го изгласаа идниот градоначалник на Штип“, кажа Николов.

    Според последните информации од ДИК излезноста на локалните избори во Штип, до 18.30 часот, на 30 минути пред затворањето на гласачките места, изнесуваше 34,3%, со што е исполнет цензусот.

    Во Штип се гласаше за нов градоначалник, откако претходниот градоначалник Благој Бочварски стана министер за транспорт и врски. Мандатот на Николов ќе биде до октомври 2021 година, кога треба да се одржат редовните локални избори. Противкандидати на Николов му беа Симон Поликарп – Џими од Интегра, Гоце Ангелов од коалицијата „Иднината во наши раце“ и Лазар Наумов од ТМРО.

    Претходно, лидерот на ДУИ Али Ахмети преку Фејсбук прогласи победа на кандидатот на неговата партија за градоначалник на Пласница, Али Јахоски, на денешните вонредни локални избори.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира