ШТИТЕНИЦИ ОД ВП ДОМ „ТЕТОВО“ ОД 14 ДО 18 ГОДИНИ НИКОГАШ НЕ ОДЕЛЕ НА ШКОЛO, 21-ГОДИШНИК Е СО ВТОРО ОДДЕЛЕНИЕ, ОБРАЗОВАНИЕ ТАМУ МИНИСТЕРСТВОТО НЕ ОБЕЗБЕДУВА

    ШТИТЕНИЦИ ОД ВП ДОМ „ТЕТОВО“ ОД 14 ДО 18 ГОДИНИ НИКОГАШ НЕ ОДЕЛЕ НА ШКОЛO, 21-ГОДИШНИК Е СО ВТОРО ОДДЕЛЕНИЕ, ОБРАЗОВАНИЕ ТАМУ МИНИСТЕРСТВОТО НЕ ОБЕЗБЕДУВАВо Домот има библиотека со книги кои можат да ги користат штитениците, но поради неписменост или нецелосно оформеното образование, ретко кој може да ги користи. - Од посетата на домците кај Пендаровски (Фото:СДК.МК)

    Народниот правобранител отвори случај и направи увид во Воспитно-поправниот дом „Тетово“ откако оваа година таму не почна образовен процес, по што го повика министерот за образование Јетон Шаќири итно да обезбеди школување на 20-те штитеници, бидејќи на овие затворени деца и младинци им го кочи најважното уставно-загарантирано право на школување.

    Заштитникот на детските права Васка Бајрамовска-Мустафа го истражи случајот и при увидот во ВП Дом „Тетово“ затекнала 9 деца на возраст од 14-18 години кои никогаш во животот не започнале образовен процес, тотално неписмени.

    Седум штитеници се со нецелосно основно образование, и тоа: еден штитеник на возраст од 21 година, има завршено второ одделение; два штитеника на 18 и 19 години се со завршено четврто одделение; еден штитеник на возраст од 15 години е со петто одделение и 3 штитеника од 18, 19 и 20 години имаат завршено седмо одделение.

    Во разговор со директорот Бајрамовска-Мустафа била информирана дека во 2021 година, во Домот се спроведувало основно образование, организирано преку проект на УНДП и МОН, на начин што на децата со некомплетно образование им било извршено тестирање од најблиското ООУ „Гоце Делчев“, село Стенче, општина Брвеница. Согласно резултатите од тестирањата децата биле поделени во две групи и преку директно учество биле вклучени во програма во времетраење од 11.11.2020 година до 24.06.2021 година. По завршување на програмата, на 30.12.2021 година, на штитениците им била издадена Потврда за стекнато ниво на основно образование.

    Таа потврда не е свидетелство, но во моментов ни за потврда нема настава, а камо ли редовно образование. Но, барем ќе се описменат и потврдата ќе им помогне за стекнување занает, односно соодветно образовно ниво за секого и за сите возрасни групи и да овозможи истите да стекнат знаења, вештини и ставови кои ќе бидат во согласност со барањата на општеството и пазарот на трудот.

    Моментално, поради непродолжени договори на наставниците, штитениците од ВПД не се вклучени во образовниот процес, поточно од 10.10.2022 година штитениците во ВПД се без не го остваруваат правото на образование, и покрај напорите на директорот на Домот цело лето.

    Штитениците на Бајрамовска-Мустафа ѝ кажале дека сакаат да бидат вклучени во образовниот процес, дека им недостасува наставата, со оглед дека сакаат да се описменат кое нешто ќе им користи во иднина по напуштање на Домот, оти кога следат образование, поисполнет им е денот со активности.

    Таа вели дека во Домот има библиотека со книги кои можат да ги користат штитениците, но поради неписменост или нецелосно оформеното образование, ретко кој може да ги користи.

    „Информирајќи Ве за констатираната состојба со остварување на правито на образование на децата кои издржуваат мерка – упатување во ВПД, Народниот правобранител препорачува Министерството за образование и наука како надлежен орган, без одлагање да преземе мерки и во соработка со надлежните образовни институции и локалната самоуправа, итно на заедничка средба да го разгледаат ова прашање заради воспоставување на формален образовен процес и континуитет на истиот за штитениците во ВПД Тетово“, бара Народниот правобранител во писмото до министерот Шаќири.

    Според Народниот правобранител, ненавременото обновување на договори на наставен кадар, не смее да претставува пречка за остварување на правото на образование на децата во ВПД Тетово, ниту законското право на формално образование (задолжително и бесплатно) да биде заменето со програма за ниво на образование.

    „За преземените мерки и активности од страна на Министерството за решавање на постојниот проблем, кој несоменено бара итна интервенција, потребно е да го известите Народниот правобранител во најкраток можен рок, а најдоцна во рок од 15 дена, согласно член 34 од Законот за народниот правобранител“, инсистира Омбудсманот од Шаќири.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира