ШВАЈЦАРИЈА ЌЕ ДАДЕ ПОЛА МИЛИОН ДОЛАРИ НА ДЕВЕТ ОПШТИНИ ЗА ОБУКА НА СОВЕТНИЦИТЕ ДА НОСАТ ОДЛУКИ ДЕМОКРАТСКИ

    ШВАЈЦАРИЈА ЌЕ ДАДЕ ПОЛА МИЛИОН ДОЛАРИ НА ДЕВЕТ ОПШТИНИ ЗА ОБУКА НА СОВЕТНИЦИТЕ ДА НОСАТ ОДЛУКИ ДЕМОКРАТСКИОД УНДП велат дека со обуките советниците треба да го надгледуваат трошењето на локалните буџети и да се одредуваат приоритети при носење на одлуките. (Фото: УНДП)

    Девет општини ќе добијат 558.000 долари од Програмата за јакнење на локалната самоуправа на Швајцарската агенција за развој и соработка преку во проектот „Зајакнување на општинските совети“, што се реализира преку Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Од УНДП велат дека општините кои ќе бидат избрани ќе добијат обуки, коишто ќе им помогнат на општинските советници поефективно да ги надгледуваат локалните буџети и директно да комуницираат со граѓаните при утврдување на приоритетите за трошење на буџетски средства на општината.

    „Со ова сакаме да ја зајакнеме позицијата на општинските совети во демократското носење одлуки на локално ниво, каде што традиционално градоначалниците имаат доминантна улога, и да се осигура дека секој општински денар е потрошен ефикасно и транспарентно“, велат од УНДП.

    Денес беше објавен и јавниот повик за дополнително учество на девет општини. Преку оваа програма во проектот досега се вклучени петанесет општини, односно: Чаир, Охрид, Струмица, Свети Николе, Валандово, Велес, Центар, Куманово, Брвеница, Желино, Гостивар, Струга, Кочани, Кавадрци и Могила.

    „Општинските совети кои успешно ќе ја завршат обуката добиваат по 62,000 долари за проекти од јавен интерес кои се утврдени како приоритетни од страна на граѓаните. Токму низ оваа поддршка, веќе се реализираат вкупно шест проекти во исто толку општини насочени кон подобрување на социјалните услуги наменети за граѓаните“, велат од УНДП.

    Со проектот Свети Николе и Струмица во тек е реконструкција на градинки, а во Општина Велес се олеснува пристапот за лицата со попреченост до локалните институции, училиштата и улиците. Во Валандово се воспоставуваат ИКТ лаборатории, а во Охрид и Чаир се олеснува пристапот на лицата со попреченост до Општината, институциите и просториите во општинската зграда. Во Чаир се реализира и проект со кој ќе се подобрат пристапот и условите за настава на децата со попреченост во неколку основни училишта.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира