Претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен е сигурна дека во македонскиот парламент ќе поминат уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот, што е услов за продолжување на пристапните преговори со ЕУ кога ќе заврши скринингот.
„Сигурна сум дека луѓето од Северна Македонија ќе постигнат мнозинство и ќе гласаат позитивно за уставните измени. Постигнавте многу, минавте низ многу, бевте навистина успешни во напредувањето и сигурна сум дека тука во земјата Северна Македонија ќе најдете убедливи аргументи за сите да сфатат дека сите се одговорни за учествување и за придонес кон тоа земјата да се движи напред. Зборувам за младите луѓе кои што имаат сон. Ги повикувам сите политичари да го остварат овој сон на младите луѓе“, изјави Фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски по нивната средба во Владата.
Нејзината изјава беше одговор на новинарско прашање за ставот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека неговата партија ќе гласа за уставните измени само ако има гаранции од ЕУ дека нема да има понатамошни барања од Бугарија.
Фон дер Лајен, која денеска е во посета на Скопје најави 80 милиони евра како итна буџетска поддршка од ЕУ за Македонија. Ковачевски додаде дека средствата ќе може да се повлечат во јануари и да се користат во најтешките три месеци (јануари, февруари и март) за справување со енергетската криза.